Масовни протести и граѓански блокади се организираат овие денови во месноста Смрдлива Вода на планината Кожуф, поради изградбата на две мали хидроелектрани на реката Дошница. Одлуката на Општина Кавадарци, која кон крајот на минатата година дозволи почеток на изградбата, предизвика бурни реакции од страна на активистите и локалното население.
Граѓански здруженија од Гевгелија, Демир Капија и други градови во југоисточниот регион бараат веднаш да бидат запрени градежните активности, бидејќи стравуваат дека ставањето на реката во цевки ќе има катастрофални последици врз животната средина, биодиверзитетот и водните ресурси од кои зависи населението.
„Да се тргнете од Дошница и од сите реки веднаш, или ќе ве блокираме додека не ги повлечете машините“, предупреди Марина Томова од иницијативата Changemakers4All. Томова, која се вратила од Холандија за да се вклучи во борбата за здрава животна средина, порача дека граѓаните имаат право на чиста природа и дека се решени да го одбранат ова право.
Поддршка за протестите дојде и од градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров, единствениот локален функционер кој јавно застана со граѓаните на протестот.
„Целта не ги оправдува средствата. Штетата од изградбата на овие мали хидроцентрали е многу поголема од користа“, истакна Петров, најавувајќи поднесување иницијатива до Парламентот за трајна заштита на сливното подрачје на реката Дошница и околните реки.
Активистите алармираат дека доделувањето концесии и промените на законите се случуваат без јавна дебата и транспарентност, а Кире Незиров од Велес го нарече процесот „грабеж на јавното добро“ каде профитот оди кај повластени инвеститори на сметка на граѓаните.
Протестите ќе продолжат и во наредниот период, а граѓаните се решени да останат на терен и да ги искористат сите правни и меѓународни средства за заштита на реката и планината.
Пораката е јасна: „Кожуф не го даваме“.