СЗО: Осаменоста годишно предизвикува речиси милион смртни случаи

Осаменоста и социјалната изолација стануваат сериозна закана за здравјето на луѓето ширум светот, предупредува Светската здравствена организација (СЗО). Во најновиот извештај на комисијата на СЗО, се наведува дека овие состојби придонесуваат за 871.000 смртни случаи годишно и влијаат негативно како на физичкото, така и на менталното здравје на населението.

Едно од секои шест лица во светот чувствува осаменост, што ги прави поранливи на мозочни удари, срцеви заболувања, дијабетес, депресија, анксиозност и самоубиства. Дополнително, осамените тинејџери имаат 22 проценти поголема веројатност да постигнат пониски училишни резултати од нивните врсници, а возрасните се соочуваат со значителни предизвици при вработувањето и задржувањето на работата.

Осаменоста не влијае само индивидуално, туку носи и значителни општествени трошоци, вклучувајќи милијарди долари за здравствените системи и изгубена продуктивност.

Копретседателот на комисијата, Вивек Мурти, ја дефинира осаменоста како „болно, субјективно чувство што се јавува кога посакуваните врски не се совпаѓаат со реалните односи на поединецот“, додека социјалната изолација е објективна состојба на намалени социјални интеракции.

Причините за овие состојби се различни и вклучуваат болест, недоволно образование, ниски приходи, недостаток на можности за социјална интеракција, живеење сами и прекумерна употреба на дигитални технологии. Особено загрижувачки е што едно од три постари лица и еден од четири адолесценти се социјално изолирани.

СЗО ја истакна Шведска како позитивен пример за справување со осаменоста. Земјата ја смета осаменоста за општествен, а не индивидуален проблем, и спроведува национална стратегија за поттикнување на социјални контакти. Меѓу мерките се воведувањето претплатени картички за деца и тинејџери за учество во групни активности, како и планираната забрана на мобилни телефони во јавните училишта, што според истражувањата го подобрува квалитетот на социјалната интеракција и го намалува кибер-малтретирањето.

Извештајот на СЗО ја потенцира важноста од создавање повеќе простори и можности за директна човечка интеракција, со цел да се спречат штетните последици од осаменоста и социјалната изолација.

Зачлени се на нашиот е-билтен