Повеќе пожари на отворено низ Македонија: Изгаснат пожарот во Визбегово, активен во Бешиште

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира за состојбата со пожарите на отворен простор заклучно со 13 часот.

Според Регионалниот центар во Скопје, пожарот на дивата депонија во Визбегово е целосно изгаснат. Градската противпожарна бригада интервенирала и на улицата Малешевска во Драчево (Општина Кисела Вода), каде горела сува трева.

Пријави за нови пожари се добиени преку линијата 112 — во близина на авто плацот ЕНЗО на булевар Босна и Херцеговина, како и во атарот на Долно Лисиче (место викано Чаталот, Општина Аеродром). За двата случаи се известени противпожарните служби на Град Скопје.

Во Битола, активен останува пожарот што започна на 28 јуни во атарот на селото Бешиште, во близина на границата со Грција. Според последните информации од ЈП Национални шуми „Црн Бор“ – Прилеп, пожарот зафатил уредена шума со бор, даб и бука, и се шири во два правци: кон месноста Уров во атарот на Бешиште и кон селото Градешница (Општина Новаци). Гаснењето е отежнато поради непристапниот терен и детонациите од заостанати неексплодирани средства од минати воени конфликти. На терен се четворица вработени од ЈП НШ со едно возило.

Во Велес, од Регионалниот центар информираат дека ТППЕ Свети Николе од 11 часот интервенира во атарот на селото Ерџелија, каде гори сува трева и стрниште. Пожарот е локализиран, а на терен се три пожарникари со едно возило.

Во Тетово, ТППЕ Гостивар до 11:45 часот успешно изгаснала пожар на запалена сува трева и грмушки на автопатот Гостивар – Тетово, во близина на Неготинска Петља.

ЦУК апелира на внимателност и почитување на препораките за заштита од пожари, особено во услови на високи температури и засилен ветер.

Зачлени се на нашиот е-билтен