Електронски свидетелства без дигитална инфраструктура и заштита – сонот на секој хакер

Од следната учебна година основците ќе добиваат само електронски свидетелства, најави министерката за образование Весна Јаневска. Иако системот е технички подготвен уште сега, Министерството го одложува стартот за „кога населението ќе биде подготвено“. Јаневска призна дека во руралните средини недостигаат опрема и стабилен интернет, па токму тие ученици – за кои државата веќе со години ветува „еднакви можности“ – би ризикувале да останат без брз и лесен пристап до најосновниот доказ за завршено образование.

Министерката тврди дека родителите „немаат реална потреба“ од хартиен документ и дека сведителството е повеќе симболичен сувенир отколку практична алатка. Но токму таа симболика открива дека дигиталната реформа доаѓа во неприкладен момент: без национална стратегија за дигитална писменост и без сигурна инфраструктура, проектот лесно може да се претвори во уште една статистика за недоволна подготвеност – токму како дигитализацијата на матичните книги што се влече со децении.

Колку ученици навистина ќе можат да ги преземат своите сведителства „со два клика“ останува непознато, а прогнозата на Јаневска за „најмалку 90 проценти“ зависи од истиот тој интернет што во многу села секојдневно паѓа а и прашањето е колку знаат да користат вакви алатки. Наместо прецизен план како ќе го надмине јазот меѓу градот и селото, министерката нуди оптимистички проценки и уверување дека „следната година ќе биде подобро“.

Колкумина ќе тргнат на училиште без хартиено сведителство, а колкумина ќе тргнат воопшто – поради иселувањето – останува уште едно прашање на кое Министерството ќе одговори дури откако ќе мине второто пријавување. Додека системот чека „подготовка на населението“, учениците и родителите продолжуваат да чекаат државата да ги подготви условите.

Зачлени се на нашиот е-билтен