Наследникот на духовниот лидер на тибетските будисти, Далај Лама, мора да биде одобрен од централната влада на Кина, објави денеска Министерството за надворешни работи во пекинг.
Соопштението на кинеското министерство е одговор на изјавата на Далај Лама дека само неговата непрофитна институција има единствено овластување да одобрува наследник, јавија британските медиуми.
Портпаролката на кинеското МНР, Мао Нинг, изјави дека наследникот на Далај Лама мора да ги почитува кинеските закони и прописи, како и религиозните ритуали и историските конвенции.
Како што беше објавено претходно денеска, Далај Лама потврди дека неговиот наследник ќе биде именуван по неговата смрт, отфрлајќи ги шпекулациите дека 600-годишната институција ќе исчезне со неговото заминување.
-Потврдувам дека институцијата ќе продолжи, рече Далај Лама во видео пораката, која беше објавена на почетокот на состанокот на религиозните лидери во Дарамшала, каде што моментално се одржува настанот, јавија британските медиуми.
Далај Лама додаде дека неговиот кабинет, во соработка со раководителите на тибетските будистички училишта и други религиозни лидери, ќе бара и ќе признае наследник во согласност со традицијата. Тој, исто така, нагласи дека „никој друг нема право да се меша во овој процес“.
Претходно изјави дека неговиот наследник ќе биде роден надвор од Кина, што го налути Пекинг.
Ова соопштение дојде во пресрет на прославата на 90-тиот роденден на Далај Лама, кој според тибетскиот календар се слави деновиве. Духовниот лидер на Тибетанците, добитник на Нобеловата награда за мир, е во егзил во индискиот град Дарамшала од 1959 година, по неуспешното востание против кинеската власт.