Пентагон ги забави испораките на оружје за Украина додека Белата куќа размислува како понатаму

Вашингтон ги стопираше дел од претходно договорените испораки за Киев – меѓу нив и пресретнувачи за противвоздушна одбрана – чиишто пратки требаше да се реализираат уште во мандатот на Џо Бајден. Во електронска изјава Пентагон соопшти дека на претседателот Доналд Трамп му нуди „опции за продолжување на воената поддршка, во насока на ставање крај на руската агресија врз Украина“.

„Министерството во целост го преиспитува и прилагодува својот пристап, водејќи сметка за борбената готовност на американските сили и приоритетите на администрацијата,“ изјави Елбриџ Колби, заменик-секретар за одбранбена политика.

Русија, која веќе контролира околу една петтина од украинската територија, продолжува да напредува во југоисточните региони на Доњецк и Дњепропетровск, паралелно засилувајќи ги воздушните напади низ земјата.

Целата воена помош за Киев беше накратко паузирана во февруари, а повторно во март, по што администрацијата на Трамп ги испрати последните транши одобрени уште во времето на Бајден. Засега не е донесена конечна одлука дали поддршката ќе се продолжи или ќе биде прекината на подолг рок.

Зачлени се на нашиот е-билтен