Кој е Св. Илија Громовник – пророкот што ја чува македонската државност и ги држи облаците под клуч

Рацин.мк разговараше со етнолозите Мојсова и Стојановски кои анализираа од каде овој светец е толку важен во македонскиот фолклор и зошто токму на овој празник современите творци на македонската национална држава – Илинденците и АСНОМ одлучуваат да го кренат востанието и да го одржат заседанието со кое се конституираше државноста на Македонија.

Утре на втори август Македонија не слави само државен празник – Илинден; тоа е и денот на Свети Илија Громовник, огнениот пророк кој, според народните преданија, низ небото ја вози својата кочија и со громови ги гони злите сили.

„Ликот на библискиот Илија Тесвиќанин (IX век пр. н.е.) кој е присутен и во стариот завет, по покрстувањето и моравските мисии на Св.Кирил и Методи, а со тоа и прифаќањето на писменоста и христијанството се вкрстил со словенскиот бог Перун (бог на громот, грмотевицата,молњата, на плодоносниот дожд и врховниот бог во словенската митологија), а во домашната митологија станал строг „клучар“ на облаците: кога ќе ги „отклучи“, се излева благ дожд; кога ќе ги „заклучи“, доаѓа суша“, вели Катарина Мојсова, дипломиран етнолог.

Од црквите до врвовите: каде живее култот

Денес му се посветени повеќе од 140 храмови и параклиси низ земјата – од скопската општина Аеродром до селските црквички во Пепелиште, Косел или Злетово. Името на светецот го носат и врвови како Свети Илија на Боздаг (Егејска Македонија) и целата Илинска планина над Демир Хисар, каде секој Илинден стотици планинари веат знамиња и палат свеќи.

Како се слави во македонските села

Иако Илинден е „црвено писмо“ во календарот на Македонската православна црква, вистинската слика за празникот се чита во локалните обичаи. Васил Стојаноски кој ги има изучувано обичаите поврзани со светци во Македонија, истакнува дека на пример:

  • Во планинското село Стенче (Гостиварско) денот започнува со утринска литургија, водосвет и благословување славски лебови; сите фамилии ја делат нафората и виното како обединувачки чин.
  • На југ, кај Бадилен во Струмичко, верниците се собираат под столетен даб – „крстецот“ – каде традиционално се коле курбан (обично овца), а месото се дели на сите присутни како заветна трпеза.
  • Сличен обред преживеал и над Трстеник (Ресенско): селаните принесуваат жртвено јагне на селското оброчиште (Место каде што некогаш имало црква), верувајќи дека така Св. Илија ќе ги заштити од градоносни облаци и лоша жетва,

Во овие рурални средини празникот е повод за „отоворено село“: се делат леб, вино и печено месо, се игра оро, а раководи старешина што го чува заветот „од дедо и прадедо“.

Зошто се вели „од Илинден во вода не се бања“

Народното предание гласи: „По Св. Илија водата е ладна и опасна“. Верувањето потекнува од времето кога жетварите завршувале со полска работа и реките се полнеле од летните дождови; капењето било ризично, а забраната – мудра санитарна мерка, маскирана во религиозен страв. До ден денешен, во струшко-охридскиот регион, мештаните не влегуваат во езерото. Чичко Никола од Радожда за Рацин.мк вели: „Во вода не се влегвит на Илинден, и да нема струи ќе дојдат, сакат жртва езероно“ И навистина, ако сте на некоја од струшките или охридските плажи, ретко ќе забележите мештанин да се капе во езерото. Денот најчесто се посветува на семејните прослави или пак на славењето на државноста.

Временска „прогноза“ од громовникот

Ако денот е ведар, се вели дека летото ќе продолжи суво; ако грми и врне, народот предвидува сурова зима. Така светецот станал и „барометар“ за селскиот календар, означувајќи премин меѓу летните и есенските работи.

Илинден – мост меѓу „небо“ и Држава

На истиот датум избувна Илинденското востание (1903) и заседаваше АСНОМ (1944). Пророкот што „со оган го уништи идолопоклонството“ стана симбол на македонската борба за слобода. Затоа државниот и верскиот празник се преплетуваат: црковните камбани потсетуваат дека без правда – небесна или земна – нема ниту вистинска слобода.

Зачлени се на нашиот е-билтен