Ако се летувате или сте на пропатување, главниот град на Грција, Атина, нуди голем број плажи. Градски, организирани, диви, за семејства, за млади, бесплатни и луксузни – атинската ривиера нуди плажи за сите вкусови и сечиј џеб, на само неколку километри од центарот на Атина и Акропол и половина до еден час возење со јавен превоз, информира за плажите на атинското крајбрежје дописничката на МИА од главниот град на оваа наша соседна земја.
На потегот од Фалиро до Вуљагмени постои голем избор на плажи за сите вкусови лоцирани во населбите Алимос, Глифада, Вула, Кавури, Вуљагмени и Варкиза.
Во населбата Фалиро се плажите Едем и Бати, а веднаш до нив е соседната општина Алимос со плажата Каламаки.

Сите се градски плажи со слободен влез, уредени со дрвени чадори поставени од општина, имаат слободен простор за поставување чадор, пешкир, столици и каква било друга опрема за на плажа.
Сепак, бидете внимателни да не „залутате“ на некои од екстремно скапите и луксузни плажи кои се или дела од големите хотели или приватни.
Организираните плажи, што најчесто се големи заградени и уредени комплекси со лежалки, чадори за сонце, бич барови и слично и задолжително имаат и спасувач се популарни и меѓу туристите и меѓу Грците, а на влезот се плаќа билет, додека лежалките и чадорите не се вклучени во цената.
Во населбата Алимос е „Брегот на Сонцето“ (Акти ту Илиу) најголемиот уреден и организиран комплекс што е најблиску од центарот на Атина, лесно достапен со трамвај, автобус или автомобил.
Бел песок, сино море, дрва со сенки, палми и неколку бич барови ветуваат релаксиран ден на плажа.

Билетот чини осум евра преку недела и десет евра за викендите и претставува само влезница, без никакви дополнителни услуги, додека, пак, цените на лежалките се пет евра за единечна без чадор и 25 евра за сет од понеделник до петок и 35 евра во сабота и недела.
– Често доаѓаме овде, бидејќи е блиску, убаво е средена плажата, а за децата има и активности-аква парк, вели семејство додека чека да влезе во комплексот и коментира дека доколку цените беа пониски ќе можеше едно четиричлено семејство почесто да оди на конкретната плажа.

„Брегот на сонцето“ оваа сезона, како што велат надлежните, има зголемен број посетители споредбено со лани, иако годинава цените се за нијанса повисоки.
Слични организирани комплекси постојат и во Вула и Вуљагмени.

Во приморската населба Вула, токму на последната станица од трамвајот, е комплексот плажи „Athines by the sea“ со ресторани, кафулиња и уредени организирани плажи каде што билетот за влез од понеделник до петок е 8,50 евра, а за викенди и празници 10 евра.
Во влезницата не се вклучени лежалките, чии цени за сет се од 30 до 70 евра во зависност од денот и оддалеченоста од морето, односно во кој ред се наоѓаат.

Vouliagmeni, CC BY-SA 4.0 https://creativecommons.org/licenses/by-sa/4.0, via Wikimedia Commons
Слична е политиката и на најлуксузната, приватна плажа во непосредна близина на Атина, Астир или Астерас како што ја нарекуваат Грците, дел од хотелски комплекс и со цени повисоки од останатите плажи што се движат меѓу 60 и 320 евра за сет, во зависност од денот, местоположбата, видот на лежалки и слично.
Оваа плажа е веднаш до археолошкиот локалитет со остатоци од храмот Аполон Зостир од 6 век пред нашата ера

Во истата населба е и Вуљагмени бич, голема организирана плажа, која е еден од совршените избори за семејства со деца и меѓу најпопуларните на атинското крајбрежје.
Билетот за влез чини 10 евра преку недела и 15 за викенди, а за сет лежалки со чадор за двајца, посетителите треба да одвојат 50 евра доколку отидат работен ден и 70 евра во сабота и недела.