Администрацијата на Трамп ја обвини Индија дека ја финансира војната на Русија

Висок помошник на претседателот Доналд Трамп ја обвини Индија дека ја финансира војната на Русија во Украина со купување нафта од Москва, откако американскиот лидер го засили притисокот врз Њу Делхи да престане да купува руска нафта.

Стивен Милер, заменик-шеф на кабинетот во Белата куќа и еден од највлијателните помошници на Трамп повтори дека е неприфатливо Индија да продолжи да ја финансира војната со купување нафта од Русија. Критиките на Милер беа меѓу најсилните досега од администрацијата на Трамп за еден од главните партнери на Соединетите Американски Држави во Индо-Пацификот.

„Луѓето ќе бидат шокирани кога ќе дознаат дека Индија е во основа поврзана со Кина во купувањето руска нафта. Тоа е зачудувачки факт“, рече Милер.

Индиската амбасада во Вашингтон не одговори веднаш на барањето за коментар. Извори од индиската влада изјавија за Ројтерс во саботата дека Њу Делхи ќе продолжи да купува нафта од Москва и покрај заканите од САД.

Царина од 25 отсто за индиските производи стапи на сила во петокот како резултат на купувањето воена опрема и енергија од Русија. Трамп, исто така, се закани со 100 отсто царини на американскиот увоз од земјите што купуваат руска нафта, освен ако Москва не постигне голем мировен договор со Украина.

Зачлени се на нашиот е-билтен