Знаете ли што се „такла“ и „таклаџии“? Стружани знаат

Адреналинско уживање, забава и освежување во летните горештини… Така на прв поглед изгледа скокањето од мостовите во водите на реката Црн Дрим, кое стружани го нарекуваат „такла“. И тоа не е обично скокање, се работи за вертикален скок во кој при падот во водата се исфрла голема количина вода високо нагоре. Токму затоа доколку поминувате низ некој од мостовите во Струга не може, а да не ги забележите акробатските вештини на скокачите, без притоа да останете неиспрскани.

За стружани, еден од главните критериуми да се биде вистински стружанец, како што велат, е да знаеш да скокаш „такла“.

Атракција за минувачите во градот на мостовите

Покрај забавата за таклаџиите, скокањето претставува своевидна атракција за туристите и минувачите. Секој добронамерник кој минал низ Чаршискиот мост, Мостот на поезијата или Дрвениот мост, како и кејот на Црн Дрим, подзастанал да ужива во забавата на таклаџиите и да направи некоја фотографија и снимка. Не ретки се и оние што им се придружуваат во скоковите, не онака вешто како што тоа го прават стружани, но, сепак, со љубов и адреналин.

„Таклата“, за стружани, е третиот моторички чин по важност по одењето и пливањето. На кејовите на Црн Дрим честопати ќе забележите мали дечиња, кои се уште не ги развиле останатите животни вештини, но вешто изведуваат акробатски скокови.

Се предава од колено на колено со јасно утврдени правила

За потеклото на „таклата“ и нејзината појава не се знае многу. Според стружанецот Коста Хиохи, стотина години се предава од колено на колено, во две различни технички варијанти со јасно утврдени правила на изведба иако е неофицијална и ненатпреварувачка акробатска целина.

– Постои „токмуноџечка“ која се изведува со прави нозе и „скрсноџечка“ каде нозете се свиени во колената и вкрстени една кон друга со подколениците. Но, едно е сигурно, „таклата“ е типичен струшки бренд, кој се појавил и развил на кејовите на Црн Дрим. Името Такла веројатно има провиненција од отоманско време бидеќи зборот на старотурски јазик означувал акробатски скок. Како и да е, постарите жители на градот се присетуваат дека скокот добива посебна атрактивност со уредувањето на коритото на реката Црн Дрим и градењето на неколкуте мостови во шеесетите години на минатиот век, вели Хиохи.

Таклата, појасни, претставува сложен моторички чин, кој како и секој друг скок има три фази. Почнува со едно спуштање, кое дозволува телото да падне во водата што поблиску до неговата појдовна позиција.

– Оние поискусните го прават тоа со силно отскокнување, без притоа телото да има хоризонтална проекција нанапред, туку вертикална нагоре за падот да се изведе што поблиску до платформата од која се изведува скокот. Наредната фаза – летот (или паѓањето) се изведува на тој начин што телото е оставено да пропаѓа во вертикална положба обезбедувајќи ја оптималната позиција за завршната фаза- слетувањето во водата, која воедно е и најважната фаза на скокот. Слетување започнува во моментот кога карлицата на скокачот се приближува до површината на водата, момент кога со трупот се прави силна постериорна проекција – легнување, кое при завршувањето на скокот треба да се израмни во хоризонтална линија во позицијата на карлицата и нозете. Така водата која се наоѓа меѓу задникот и грбот на скокачот е силно потисната и исфрлена нагоре кон брегот, појаснува Хиохи.

Успешноста на таклата, додава, е зависна од масата на скокачот, но уште повеќе од точното погодување на моментумот кога телото треба да биде зафрлено наназад.

Таклата натпреварувачка дисциплина на спортскиот фестивал „Илинден“

Иако таклата официјално не е регистрирана како спортска дисциплина, втора година по ред е дел од спортскиот фестивал „Илинден“, кој традиционално се одржува на 2 август на кејот на реката Црн Дрим во Струга во организација на спортскиот клуб „Соларис“.

По вторпат е со натпреварувачки карактер, а покрај стружани, кои гордо се носат со оваа умешност, свое учество пријавија и гости од други краеви на државата.

Утврдувањето на висината на исфрлената вода од таклите се реализира преку специјална компјутерска програма, која користи снимки од дигитална камера. На тој принцип се сумираат резултатите и се прогласуваат најдобрите скокови.

Зачлени се на нашиот е-билтен