Швајцарија во паника поради тарифите на Трамп: Претседателката и министерот итно заминаа во САД

Претседателката на Швајцарија, Карин Келер-Сутер, и министерот за економија, Ги Пармелин, отпатуваа за Вашингтон со цел да го спречат воведувањето американски тарифи од 39 отсто, кои треба да стапат на сила в четврток.

Одлуката на владата на Доналд Трамп од петок, со која се воведуваат едни од највисоките тарифи во светот за увозот од Швајцарија во САД, предизвика големо изненадување во земјата. Претставници на индустријата предупредија дека овие мерки би можеле да резултираат со губење десетици илјади работни места, пренесува Reuters.

Тарифите треба да стапат на сила за само неколку денови, што Швајцарија го става пред краток рок за спас на својот извоз кон САД — најголемото пазарно место за фармацевтски производи, часовници, машини и чоколади.

Келер-Сутер и Пармелин ќе одржат разговори со американските власти за „подобрување на состојбата со тарифите за Швајцарија“, соопшти швајцарската влада. Засега не е познато со кого точно ќе се сретнат и дали во преговорите ќе учествува претседателот Трамп.

Владата во Берн претходно изрази подготвеност да направи „привлечна понуда“ кон САД за да се избегнат тарифите од 39 проценти. Вонредниот состанок на Советот најави дека Швајцарија е подготвена да преговара и по рокот што истекува на 7 август. Не се откриени детали, но е нагласено дека земјата не размислува за воведување контрамерки.

Зачлени се на нашиот е-билтен