Кандидатката за градоначалничка на Скопје од „Независни заедно“, Каја Шукова, денеска (18 август) пред Младинскиот културен центар се сретна со претставници од културната сцена. Според соопштението на СДСМ фокусот на разговорите бил како главниот град да заживее како „вистински град на културата“ — со содржини достапни за сите делови на Скопје, а не само за центарот.
„Културата не треба да биде привилегија. Културата треба да биде право за секој граѓанин на Скопје“, порача Шукова. Таа најави децентрализација на програмите низ сите населби, користење на јавни отворени простори и подигање мобилни сцени и платоа: „Со мобилни сцени, подвижни платоа и друга опрема, просторот лесно може да стане културен центар.“
Како мерка за пристапност, Шукова се заложи за културни ваучери за младите и пензионерите, со цел настаните во градот да им бидат поевтини и подостапни. Таа се осврна и на Младинскиот културен центар: „МКЦ мора да се врати на своите славни патеки… да биде симбол на младите и на културата во Скопје.“
Испраќајќи порака за „обнова на градот преку културата“, Шукова цитираше: „Градот убав пак ќе никне. Скопје – радост ќе бидеш.“ СДСМ соопшти дека ја поддржува нејзината визија за отворено, децентрализирано и живо културно Скопје, со обновен МКЦ како емблем.