Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Рибеиро: Политичката поларизација на медиумите е светски феномен, особено ранливи се малите пазари

На малите пазари, каде медиумите немаат финансиска структура, која им овозможува да бидат целосно независни од различните интереси, тие претставуваат лесен плен за политичките и бизнис интереси, вели во интервју за МИА претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумиte, Тереза Рибеиро.

Во однос на забелешките во извештајот на Репортери без граници, дека и покрај подобрувањето на позицијата на Северна Македонија со скок од 19 места и заземањето на 38-то место во земјава се уште има силна политичка поларизација и создавање паралелни медиумски системи на власта и опозицијата, Рибеиро нагласува дека ова не е реалност само во оваа држава. 

-За жал, ова не е реалност што ја гледаме само во Северна Македонија. Напротив, истата појава ја гледаме во целиот ОБСЕ регион. Она што го гледаме е силна поларизација, и ова е многу поврзано со развојот на социјалните медиуми, политичката поларизација што на некој начин ги јакне трендовите на популизмот не само во регионот на ОБСЕ, туку и во целиот свет, вели Рибеиро.

Преставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите потенцира дека насекаде е присутен тој негативен тренд на постојана кампања за дискредитација на новинари, бидејќи, како што вели, популистите не сакаат контрола, не сакаат мешање на новинарите, тоа е закана за нив. 

Рибеиро во интервјуто за МИА говори и за 9. Конференција за медиуми во ЈИЕ, која се одржува денеска и утре во Скопје, нагласувајќи дека фокусот ќе биде медиумската слобода и како таа може да придонесе во поддршка и унапредување на демократијата. На дводневната конференција ќе се дебатира за безбедноста на новинарите, за прашања поврзани со вештачката интелигенција, за онлајн заканите кон новинарите, со посебен акцент на жените новинари, одржливоста на медиумите, регулаторите, јавните сервиси… 

Во продолжение следува целото интервју со претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите Тереза Рибеиро, со видео материјал:

Во Скопје утре почнува 9. Конференција за медиуми во Југоисточна Европа, ќе може ли накусо што ќе биде во фокусот на дискусиите на оваа конференција?

– Насловот на конференцијата е прилично јасен во однос на нејзиниот фокус – се однесува на медиумската слобода и како таа може да придонесе во поддршка и унапредување на демократијата. Би рекла дека ова е сеопфатната тема на конференцијата и да се разбере како медиумската слобода може да помогне во унапредување и одржување на демократијата. Ќе дискутираме за главните предизвици што моментално влијаат врз еко-системот на медиумската слобода. Безбедноста на новинарите е исто така една важна тема што е приоритет за претставникот за слобода на медиумите уште од самиот почеток. Мандатот на претставникот трае веќе 25 години и безбедноста на новинарите е високо на листата на приоритети и продолжува да биде висок приоритет. Исто така ќе разговараме за прашања поврзани со вештачката интелигенција, што многу влијае врз информативното опкружување, така што треба да го разгледаме и да разбереме кои се предизвиците. Исто така ќе разговараме за онлајн заканите кон новинарите. Ова претставува друга димензија поврзана со безбедноста на новинарите со посебен акцент на жените новинари, а исто така ќе го разгледаме прашањето поврзано со одржливоста на медиумите, регулаторите, јавните сервиси… За сите теми ќе се разговара на сеопфатен начин и на начин кој ни помага да разбереме колку е важно да се справиме со сите овие прашања и предизвици за да имаме здрав и функционален демократски систем.

Според ваше мислење колку вештачката интелигенција реално може да го измени новинарството и постулатите на кои почива?

– Мислам дека првата работа што треба да биде јасна е дека вештачката интелигенција дефинитивно носи многу придобивки, не само во врска со медиумската слобода туку во сите димензии од животот, односно е позитивна технологија. Истовремено, има се повеќе дискусии околу негативните влијанија на вештачката интелигенција и проблемот е како да ги искористиме тие придобивки, а истовремено да бидеме во можност да се справиме со најтешките или најгорливите аспекти поврзани со вештачката интелигенција. Тоа дефинитивно ќе има големо влијание врз слободата на изразување поради бизнис моделот и ова навистина претставува проблем. Она што го имаме во моментов на полето на вештачката интелигенција се работи што го привлекуваат вниманието на јавноста, што често не е информација од јавен интерес која ние би сакале јавноста да ја интересира. Мора да најдеме начин како да се справиме со ова и ова е задача за сите нас – владите, општеството во целина и платформите што имаат голема одговорност – да ги немаат моменталните недостатоци во бизнис моделите кои не се фокусираат на човековите права. Она што навистина треба да направиме е да ги убедиме платформите дека е потребно во иднина да регулираме некои од недостатоците на нивниот бизнис модел, за да бидеме сигурни дека некои од најштетните аспекти за медиумската слобода нема да преовладаат и ова е од клучно значење. На пример, во известувањето, вештачката интелигенција на некој начин ги заменува новинарите и нивната работа како уредници токму поради бизнис моделот. Она што би сакале да го видиме е бизнис модел на платформите што е повеќе фокусиран на информации од јавен интерес и видот на новинарски содржини што можат да придонесат во јавната дебата и промовирање на демократско учество и активно граѓанство. Тоа е она што сакаме да го видиме.

Минатата недела Репортери без граници го објави Извештајот за глобалниот индекс за слободата на медиумите, а Северна Македонија забележа скок од 19 места и се најде на 38. место од вкупно 180 земји. Ќе може ли ваша оценка за слободата на медиумите во земјава?

– Не сум јас таа што треба да ги рангира земјите, но дефинитивно она што го видов во последните месеци е навистина охрабрувачко, а поврзано со напредок на полето на медиумската слобода во Северна Македонија. Ова е многу јасно. Ги имаме нацрт-измените за усогласување на законот за аудиовизуелни услуги со европската директива. Тука се и измените во Кривичниот законик за да им се даде дополнителна заштита на новинарите, што е исто така позитивно. Исто така, назначувањето на посебен обвинител во Скопје кој ќе се посвети на предмети поврзани со новинари. Сето ова се позитивни мерки, така што сум навистина охрабрена што гледам ваков развој на настаните.

И покрај подобрувањето на позицијата, забелешка беше ставена на политичкиот контекст, силната политичка поларизација, на создавање паралелни медиумски системи на власта и опозицијата, кои вршат свое политичко и економско влијание. Како ја цените ваквата состојба и кое е решението?

– За жал, ова не е реалност што ја гледаме само во Северна Македонија. Напротив, истата појава ја гледаме во целиот ОБСЕ регион. Она што го гледаме е силна поларизација, и ова е многу поврзано со развојот на социјалните медиуми, политичката поларизација што на некој начин ги јакне трендовите на популизмот не само во регионот на ОБСЕ, туку и во целиот свет. Го имаме тој негативен тренд на постојана кампања за дискредитација на новинари. Зошто? Затоа што популистите не сакаат контрола, не сакаат мешање на новинарите, тоа е закана за популистите. И тоа е причината за таа постојана поларизација. А на мали пазари, каде медиумите ја немаат таа, би рекла, финансиска структура што им овозможува да бидат целосно независни од различните интереси, тие претставуваат лесен плен на политичките и бизнис интереси. На крајот, ова не помага во создавањето на вистинското медиумско опкружување што би сакале да го видиме.

Мисијата на ОБСЕ активно работи на проекти за зајакнување на безбедноста на новинарите и во последниот извештај на Репортери без граници беше наведено дека новинарите се редовно мета на вербални напади, а се изложени и на т.н. SLAPPS тужби. Како ја цените генерално безбедноста на новинарите во Северна Македонија?

– Знаете, повторно, ваквите тужби, ваквите вербални напади, постојаното малтретирање на новинарите се дел од стратегијата да се дискредитираат новинарите. И тоа е причината зошто ова е толку опасно и тоа е причината зошто Репортери без граници навистина ги смета сите овие прашања за важни приоритети. Треба да ги заштитиме новинарите затоа што, знаете, тужбите, целосно ги исцрпуваат медиумските ресурси и човечки и финансиски и секако дека тоа ги уништува медиумите. Ние навистина треба да се бориме против овој тренд, кој е навистина опасен. Минатата година објавивме извештај за правно вознемирување и се надевам дека може да биде корисен водич за земјите-учеснички. Истовремено работиме и на проект за безбедност на новинарите и во овој проект ја разгледуваме безбедноста на новинарите во сите нејзини димензии, што подразбира психолошки аспекти, работата, работните услови, правните аспекти итн. Значи, само со еден ваков сеопфатен пристап можеме да го најдеме вистинското решение. Идејата е до крајот на оваа година да имаме конкретни резултати кои на некој начин можат да бидат и многу корисни за земјите-учеснички. Тоа е проект којшто ги собира на иста маса претставниците на различните земји-учеснички кои доаѓаат од медиумската заедница, од медиумскиот сектор, а на владите е да назначат што ќе биде фокусна точка и тоа е проект кој е многу практичен. Не се работи за тоа да се има или да се разговара за апстрактни препораки, туку напротив, навистина да се имаат како резултат конкретни мерки што веќе и се потврди во некои од земјите-учеснички. Многу учиме и од грешките, а исто така учиме и да не ги повторуваме грешките. Така што, ваква дискусија, која што е многу отворена, но во исто време и многу добро структурирана и многу ориентирана кон ваков сет мерки, мислам дека може биде многу корисна и убедена сум дека така и ќе биде, а на крајот ќе биде и добра поддршка за земјите-учеснички, оние кои навистина сакаат да ги заштитат новинарите.

И Репортери без граници, но и ЕУ, ОБСЕ, медиумските здруженија постојано со забелешки во застојот на реформите на јавниот радиодифузен сервис, како да не се гледа решението за излез од оваа ситуација, а во прашање е и финансиската одржливост со оглед на намалувањето на средствата од оние кои се пропишани во законот. Како да се тргне напред?

– Еден од клучните столбови на здравиот медиумски пејзаж е дефинитивно да се има силен и независен јавен медиумски сервис. Не само аудиовизуелните медиуми, туку и агенциите, МИА која е медиум на јавен сервис и тоа многу важен, знам дека таа е доверлив извор на информации за многу други медиуми. Значи тие се оние кои имаат обврска да се погрижат информациите што им ги даваат на граѓаните да бидат веродостојни. Но, се разбира, за тие да ја извршуваат својата работа, треба да бидат соодветно финансирани и да имаат независни управувачки тела. Тие две работи одат заедно и мора да одат заедно. Знаеме дека земјите се соочени со тешка ситуација, со финансиската криза, со инфлацијата и со толку многу прашања кои за жал влијаат на земјите-учеснички и понекогаш е тешко навистина да ги исполнат обврските, а една од нив знам беше во случајот со Северна Македонија, ако не се лажам, имаше заложба да се распредели или додели еден процент од буџетот на јавните медиуми. Понекогаш тоа не е можно и се оди напред-назад. Но јас силно препорачувам, понекогаш е подобро да се има помалку, малку помалку, ако е можно, бидејќи во некои случаи е пореално, но важно е да се држиме до ова. Ова е многу важно – ајде да дефинираме правило и да го почитуваме правилото. Дури и да треба да преговараме, и да имаме малку помалку, но да се задржиме на она што мислиме дека треба да биде правило, и тоа добро правило и правило што земјата може да си го дозволи. Да бидеме реални, треба да бидеме и ние реални.

Медиумската информативна агенција е исто така јавен сервис, неодамна се одржа дебата за креирање посебен закон за МИА. Како според Вас треба да се финансираат новинските агенции и притоа да останат професионални и колку што е можно имуни на секаков вид притисоци?

– Повторно, како и со аудиовизуелниот јавен сервис, дефинитивно да се има, да се почитуваат високите професионални стандарди, тоа е многу важно. Да има, повторно, соодветно финансирање, а исто така и независен управен одбор и да има независно управување кое на некој начин ја штити Агенцијата од какви било влијанија што доаѓаат од бизнис интереси или политички интереси. Би рекла, ова би биле моите главни препораки. Знам дека со поддршка на Мисијата на ОБСЕ овде во Скопје организиравте голема дебата околу можните начини да се обезбеди долгорочна одржливост на Агенцијата. Колку што знам препораките сè уште не се објавени, ќе бидам повеќе од среќна да ги разгледам, откако ќе бидат објавени и се надевам дека навистина можете да го најдете најдобриот начин да ја заштитите Агенцијата со цел да ѝ се овозможи да ја продолжи извонредната работа што ја врши во земјава. (МИА)

Ана Цветковска

Фото: Фросина Насковиќ

Видео и монтажа: Срѓан Крстиќ и Андреј Бранковиќ

Зачлени се на нашиот е-билтен