Софија со 170 снегочистачи, Приштина со единствена команда – Скопјани ќе се молат на Сонцето

Секоја зима снегот повторно го отвора прашањето за функционалноста на скопските институции. Додека граѓаните очекуваат проодни улици, исчистени тротоари и непречено функционирање на јавниот превоз, поделбата на надлежностите меѓу Град Скопје и десетте скопски општини создава систем во кој одговорноста за зимското одржување е распределена меѓу повеќе институции.

За граѓаните,нема никакво значење дали улицата по која се движи е под надлежност на Градот или на општината. Неговото патување започнува во маалската улица, продолжува по булеварот и завршува пред работното место, училиштето или здравствената установа.

Споредбата со Софија, Приштина, Белград и Тирана покажува дека зимското одржување не е само прашање на механизација и пари, туку пред сè на организација, превенција и одговорност.

Скопје располага со 18 возила за зимско одржување на градските сообраќајници, додека Софија има 170 снегочистачи. Но бројот на возилата е само еден дел од проблемот. Многу поважно е кој командува со механизацијата, кога таа излегува на терен и кој одговара доколку улиците останат непроодни.

Софија има четирипати повеќе снегочистачи по глава на жител

Софија ја дочекува зимата со 339 специјализирани машини, од кои 170 снегочистачи, близу 24.000 тони смеси против голомразица и дополнителни 5.000 тони песок за планинските делници.

ПоказателСофијаСкопје
Број на жителиОколу 1,3 милиони526.502
Возила за чистење снег17018*
Жители на едно возилоОколу 7.500Околу 29.250
Средства против голомразица24.000 тони4.280 тони**

Софија има околу 2,4 пати повеќе жители од Скопје, но 9,4 пати повеќе возила за чистење снег според пријавените капацитети.

Бугарската престолнина има и околу 50 пунктови за брза реакција, GPS-надзор на механизацијата и дополнителни сензори за контрола на работата на плуговите.

Казната за неисчистена автобуска постојка изнесува 1.500 евра, а за неисчистен снег околу дрво 700 евра. Изведувачите одговараат не само за ангажманот на механизацијата, туку и за резултатот од чистењето.

Приштина со шест реони и централна координација

Со 227.466 жители и надморска височина од околу 600 метри, Приштина е помала од Скопје, но е изложена на посериозни зимски услови.

Косовската престолнина го организира зимското одржување преку единствена општинска јавна набавка, поделена во шест територијални лота. Секој оператор одговара за својот реон, а одржувањето ги опфаќа улиците, тротоарите и атмосферската канализација.

Во Скопје, пак, одговорноста е поделена меѓу Градот и десетте општини. Последицата од таквата организација може да биде исчистен булевар до кој граѓаните не можат да стигнат поради непроодните маалски улици.

Белград со систем на приоритети и постојани дежурства

Белград, иако административно е поделен на 17 градски општини, има специјализирано јавно претпријатие „Београд пут“ за одржување на градските сообраќајници.

На државно ниво, „Путеви Србије“ ја започна зимската сезона на 1 ноември со значителни оперативни капацитети.

Ресурси за зимско одржување во СрбијаКоличество
Возила и камиони850
Дополнителни машини343
Оперативни бази и пунктови175
Работници по смена2.412
Резерви на сол95.000 тони

Патиштата се поделени во три категории според приоритетот за чистење, а на автопатиштата механизацијата е во постојана 24-часовна готовност.

Денес, на 28 ноември, со првите снежни врнежи во Белград, веднаш е намалена дозволената брзина на делови од обиколницата околу градот.

Овие капацитети се однесуваат на државната патна мрежа на Србија, а не исклучиво на Белград, но се пример за интегрирано планирање и оперативна координација.

Дури и Албанија, со поблага клима, има прецизен зимски план

Тирана има значително поблага клима од Скопје, а снегот во централното градско подрачје е ретка појава. Затоа директната споредба на бројот на градските снегочистачи не би била соодветна.

Сепак, Албанската управа за патишта на 13 ноември ги објави расположливите капацитети за зимско одржување на националната патна мрежа.

Ресурси за зимско одржување во АлбанијаКоличество
Снегочистачи119
Дополнителни возила и машини517
Ангажирани работници848
Резерви на сол5.369 тони
Камен агрегат4.910 тони

Зимската служба ќе функционира до 31 март, со однапред утврдени човечки и логистички ресурси.

Албанскиот пример покажува дека подготовката за зимата не зависи само од зачестеноста на снежните врнежи, туку од проценката на ризиците и потребата од непречено функционирање на транспортот.

Скопје со 18 снегочистачи и 11 локални власти – кој ќе одговара ако градот остане блокиран

Скопје ја дочекува зимата со 18 возила за чистење снег, резерви на сол и 24-часовни дежурства, според најавите на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Но проблемот со зимското одржување не е само во механизацијата, туку во расцепканите надлежности, одделните тендери и координацијата меѓу Градот и десетте општини.

Според податоците од оперативните програми, градската зимска служба располага со следните капацитети:

ПоказателКапацитет
Вкупно возила18
Изнајмени специјални возила со GPS16
Сопствени возила2
Површина за одржување2,6 милиони м²
Предвидена индустриска сол4.280 тони
Оперативни пунктови2
Жители на едно градско возило29.250

На едно возило отпаѓаат околу 144.400 квадратни метри сообраќајни површини. Во оваа пресметка не е вклучена механизацијата што одделно ја ангажираат општините.

Повеќе тендери, потенцијално исти камиони

Градот, десетте општини и ЈП „Македонија пат“ спроведуваат посебни јавни набавки за зимско одржување, потпирајќи се на приватни градежни компании.

Во 2023 година Град Скопје склучил договор вреден речиси 65 милиони денари за две зимски сезони, на тендер на кој се пријавила само една компанија – „Нексос инженеринг“. На 18 ноември годинава и „Македонија пат“ објави тендер за ангажирање надворешна механизација, со рок за понуди до 17 декември.

Без единствен регистар и вкрстување на регистарските ознаки на возилата, постои ризик различни институции да сметаат на истите камиони. На хартија сите можат да бидат подготвени, но на терен еден камион не може истовремено да чисти булевар, маалска улица и регионален пат.

Претходните оперативни програми предвидуваат редовната зимска служба да интервенира при снежна покривка до 12 сантиметри, а над таа граница да се ангажира дополнителна градежна механизација.

Тоа не значи дека дотогаш не се чисти, но се поставува прашањето зошто дополнителните ресурси не се мобилизираат превентивно, според метеоролошките прогнози.

Особено критични се Жданец, Трнодол, Пржино, Црниче, Црешево и Булачани, каде и помала снежна покривка може да го загрози движењето на граѓаните и пристапот на итната медицинска помош и противпожарните служби.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?