„Не во Бардовци, туку во самица во Идризово“ – револт на социјалните мрежи по бруталното претепување на гостиварката

Четириесет и двегодишната жена од Гостивар се бори за живот на КАРИЛ, додека нејзиниот сопруг, осомничен дека два дена ја претепувал, е спроведен во Психијатриската болница во Бардовци.

Јавното Обвинителството денеска информира дека започна прибирањето докази во случајот со претепана жена во Гостивар, за кој медиумите јавуваат дека се бори за живот на во скопскиот Клинички центар. Од Обвинителството посочуваат дека сторителот е најден и дека постапката против него е веќе започната, а правната квалификација за делото ќе биде одредена кога ќе се соберат сите докази.

„Сторителот е обезбеден и се постапува. Се преземаат сите дејствија за итно прибирање докази, согласно воспоставената процедура за итна кординација и постапување по пријави за семејно насилство. Вклучени се и полициски службеници и Центарот за социјални работи“, велат од Обвиниелството.

Информацијата дека осомничениот е пренесен во психијатриска установа наместо во притвор отвора прашања за неговата кривична одговорност, но и за институционалниот однос кон насилството врз жените.

„Не Бардовци, туку самица во Идризово“ е пораката што ја отсликува реакцијата на граѓаните кои бараат строга казна за ваквите случаи на семејно насилство.

Таа се бори за живот, тој е во психијатриска болница

Од КАРИЛ утрово потврдија дека 42-годишната гостиварка има четири скршени ребра, крварење во мозокот и други сериозни повреди. Нејзината здравствена состојба е животозагрозувачка.

Според досегашните информации, жената им кажала на лекарите и полицијата дека сопругот ја тепал два дена.

Од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ потврдиле дека осомничениот е спроведен во психијатриската болница во Бардовци.

Упатувањето во психијатриска установа само по себе не значи дека осомничениот нема да одговара кривично.

Евентуалната непресметливост во моментот на извршувањето на кривичното дело се утврдува со стручно вештачење, а за кривичната одговорност и соодветните санкции или мерки одлучува судот.

Надлежните институции треба да објаснат врз која основа осомничениот е хоспитализиран, под каков надзор се наоѓа и каква кривична постапка ќе биде поведена против него.

Додека трае кампањата против насилството, уште една жена се бори за живот

Случајот во Гостивар се случува само два дена по Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и во екот на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“.

Додека институциите организираат конференции, објавуваат пораки и повикуваат на нулта толеранција кон насилството, уште една жена лежи на интензивна нега со тешки телесни повреди.

Дали и претходно била жртва на насилство? Дали имало пријави? Дали институциите знаеле за состојбата во семејството? Можело ли насилството да биде спречено?

На овие прашања јавноста заслужува одговор.

Борбата против насилството врз жените не се води само со кампањи и декларативни заложби, туку со навремена заштита на жртвите, ефикасни истраги и соодветно санкционирање на сторителите.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?