Преодна тројка за реформите. Каде потфрли Македонија во Планот за раст?

фото: facebook Беким Сали

Македонија спровела 56 отсто од реформите кои беа зададени и во следната исплата од европскиот План за раст ќе добие околу 71 милион евра. Тоа го соопшти еврокомесарката за проширување Марта Кос на самитот во Тирана на 27 ноември. Албанија стигнала до 80 отсто, а Црна Гора до 94 отсто.

Владата најави дека до крајот на декември ќе ги заокружи клучните закони од Реформската агенда. Според премиерот Христијан Мицкоски, во средината на ноември сè уште траеле консултациите за четири закони во јавната администрација, се чекале мислења за пет закони во транспортот, а во енергетиката останувале два реформски чекора. Во правосудството, Мицкоски ги посочи Казнениот законик и Законот за кривична постапка.

Каде е документирано доцнењето?

Еден од најконкретните примери за доцнење на реформите е Законот за Судскиот совет. Собранието го донесе во декември 2025 година и го измени во јуни 2026. Според јунскиот пресек на „Реформ монитор“, и по измените останало отворено прашањето за бодување на кандидатите за членови на Судскиот совет од независна стручна комисија. Дополнителниот рок за овој чекор истекол на 30 јуни.

Во пресекот до 30 јуни, мониторингот го води како неисполнет и чекорот за измена на законите што ги уредуваат платите на судиите, јавните обвинители и службите во судството и обвинителството. До тогаш не биле исполнети ниту обврските за пополнување на сите слободни места во Агенцијата за управување со одземен имот и за објавување јавен регистар на државните претпријатија и друштвата со државно учество. Дополнителниот рок за овие чекори бил до крајот на јуни.

Кај обвинителството, до јунскиот пресек бил донесен Законот за Советот на јавните обвинители, а предлогот на Законот за јавно обвинителство бил повлечен од собраниска процедура. За реформскиот чекор што ги опфаќа двата закона, во мониторингот е наведен дополнителен рок до крајот на декември.

Колку ќе добиевме ако стигневме до 80 отсто?

ЗемјаСпроведени реформиНајавена следна исплата
Македонија56%Околу 71 милион евра
Албанија80%85,6 милиони евра
Црна Гора94%81 милион евра

Извор на податоците е изјавата на Марта Кос на самитот во Тирана.

Колку би добила Македонија со 80 отсто исполнетост на реформите зависи од тоа кои дополнителни чекори би ги завршила. Исплатите се врзани за конкретни услови во реформската агенда на секоја земја. Во најавената исплата Албанија ќе добие околу 14,6 милиони евра повеќе од Македонија, а Црна Гора околу 10 милиони повеќе.

Што знаеме за 56-те отсто?

Во првите три извештајни периода Европската комисија евидентирала 22 исполнети од 53 реформски чекори. На самитот во Тирана, првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали посочи дека Македонија во четвртото барање за исплата доставила на оценување 22 реформски чекори со проценета бруто-вредност од над 112 милиони евра.

Претходно беше познато дека ЕУ ги прераспределува парите: Македонија добива 10% повеќе, Србија, БиХ и Косово губат.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?