Лидерката на германската крајно десничарска партија „Алтернатива за Германија“ (AfD), Алис Вајдел, изјави дека очекува следната година да биде поднесено барање до судот за забрана на партијата.
Во петокот, во подкаст на весникот „Ди Велт“ (Die Welt), таа рече дека смета оти во 2027 година ќе биде направен обид AfD да се прогласи за незаконска поради неуставност, додавајќи дека партијата „се подготвува за тоа, па ќе видиме што ќе се случи“.
Барањето за забрана на партијата може да биде поднесено до германскиот Уставен суд од кој било од двата дома на парламентот – Бундестагот или Бундесратот – или пак од сојузната влада. Потоа, судот би одлучувал за случајот.
Прашањето дали треба да се поднесе такво барање веќе некое време е предмет на дебата во Германија.
Во интервјуто за подкастот, Вајдел остро ја критикуваше реформата на разузнавачките служби, која неодамна беше усвоена од долниот дом, Бундестагот. Таа тврди дека со ова се создаваат услови за постапка за забрана на AfD.
Предлог-законот би им дал на разузнавачките служби поголеми овластувања за сузбивање на шпионажа, тероризам и саботажа.
Сојузната канцеларија за заштита на уставот повеќе нема да биде ограничена само на собирање информации, туку за првпат ќе ѝ биде дозволено и преземање тајни заштитни мерки насочени кон имот и ИТ-системи, во случај на конкретни закани.

