Висок колку Бодирога – српскиот лидер стана атракција на самитот во Охрид

PHOTO: EPA

Покрај политичките пораки и разговорите за иднината на регионот, самитот на процесот Брдо-Бриони во Охрид привлече внимание на социјалните мрежи и поради еден необичен детаљ – висината на вршителот на должноста претседател на Србија, Александар Чупиќ.

Со својата впечатлива појава, долгата седа брада, широките раменици и висината, Чупиќ се издвојува меѓу регионалните лидери, а снимките од неговото пристигнување во Охрид предизвикаа бројни реакции на социјалните мрежи.

Едно од најчестите прашања е – колку е висок Чупиќ?

Повисок и од Еди Рама?

Иако нема официјално објавен податок за неговата висина, неофицијалните процени се движат од 205 до 208 сантиметри.

Неговата висина привлече внимание и при изборот за претседател на српското Собрание на 19 ноември, кога се појави покрај прославениот српски кошаркар Дејан Бодирога, кој е висок 205 сантиметри. Токму таа средба стана основа за споредбите во српските медиуми и на социјалните мрежи.

Доколку процените се точни, Чупиќ е повисок дури и од албанскиот премиер Еди Рама, кој со своите 201 сантиметар и кошаркарско минато важи за еден од највисоките политичари во Европа.

Прво меѓународно претставување на Србија

Самитот во Охрид, кој се одржа на 26 и 27 ноември, беше првото официјално патување на Чупиќ во странство откако ја презеде функцијата вршител на должноста претседател на Србија.

Домаќин на средбата беше македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, а коорганизатори словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.

Чупиќ беше единствениот лидер кој не ја потпиша заедничката декларација, со образложение дека како привремен шеф на државата нема легитимитет да го стори тоа, иако се согласува со принципите содржани во документот.

Србија на 27 декември ќе избира нов претседател.

Во меѓувреме, необичната појава на Чупиќ на дипломатската сцена во регионот предизвикува интерес и надвор од политичките кругови.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?