Издавачката куќа La Vita Felice од Милано објави избор од поезијата на македонската авторка Лидија Димковска, под наслов „Гранична состојба“. Книгата е двојазично издание – на македонски и италијански јазик – во препев на Ема Стефановска, а уредник е италијанскиот поет и теоретичар Томазо Ди Дио, добитник на наградата „Стрега“ за поезија.
Во изданието се опфатени песни од последните две збирки на Димковска – „Црно на бело“ (2016) и „Гранична состојба“ (2021), која ја доби престижната награда „Браќа Миладиновци“. Книгата вклучува и краток дијалог помеѓу авторката и препејувачката.

За творештвото на Димковска, уредникот Ди Дио пишува:
„Како јазикот на Димковска да се хранел од млекото на илјадагодишното насилство… Во оваа поезија се чувствува постојаното триење на границите, нивниот таен вкус и желбата за проток меѓу земјите, народите и јазиците. Неслучајно Другиот во оваа поезија е секогаш енигма, загатка, парадокс.“
Промоцијата на книгата ќе се одржи на 20 септември во рамки на меѓународниот фестивал Pordenonelegge во Порденоне, Италија, преку разговор со авторката, препејувачката и уредникот.