Чупеска: Луѓето се плашат од институциите, наместо да ги чувствуваат како заштитници

Македонија се наоѓа на крстопат исполнет со повеќеслојни кризи – политички, институционални, еколошки и социјални. Наместо стабилност и развој, државата се соочува со деструктивни политики кои ја еродираат довербата во институциите и ја доведуваат во прашање иднината на демократијата. Уништена правна држава, институционално овозможено насилство, екоцид и фемицид – ова, според професорката Ана Чупеска, не се поединечни појави, туку системски симптоми на едно општество турнато на работ од бездната.

Во ова интервју Чупеска, потпретседателка на СДСМ, говори за тоа како власта ја користи државата за лични и партиски интереси, кои институции станале „џелати“ наместо заштитници на граѓаните, и зошто без организиран отпор нема спас за „нашиот дом“.

Рацин: Македонија се соочува со повеќеслојни кризи, анализирајќи ги преку концептот на „цид/(-cide)“ (од латинскиот ‘caedere’ – убивање), да објасниме како се поврзани и што се случува денес?

Чупеска: Овие термини – се нашата сурова реалност. Тоа не се случајни појави, туку системски и систематски организирани деструктивни однесувања на актуелната власт, кои се длабоко поврзани меѓу себе, но и вкоренети во нејзината конзервативна и авторитарна идеологија. Меѓу другото, искуствата со авторитарноста на ВМРО ДПМНЕ, е поврзана и со суштинско растурање и уништување на институциите. Затоа, кога анализираме што релано се случува во земјава, актуелната власт, се чини дека ги негува своите стари навики на деструктивни поведенија. Погледнете го на пример проблемот со незаконсото институирање на директорот на АНБ и последователните злоупотреби на оваа институција во ПР цели со фабрикација на афери. Слично, власта свесно ги остава граѓаните ранливи и без заштита, како што потврдија драматичните ситуации со (Кочани, Дрисла, Вардариште, Трубарево,  уништувањето на природата, убиствата на жените = Росица.  Власта наместо да води полтика на управување со општеството во правец позитивно да се развива и да напредува , води некрополитики. Со легицидот што го етаблира , т.е со уништувањето на правната држава, институциите се претворени во инструмент – овозможувач на деструкцијата на општеството, но и на неговата социјална структура и особено на довербата. Во еден таков деструктивен систем, незаштитените групи, како на пример жените (Росица, е последна во низата жртви) се срамна трагедија на затајување на Власта. Слично, уништувањето на природата и неказнивоста за еколошките злодела на ист начин треба да се толкуваат.

Рацин: Во практична смисла, кои институции најчесто се соочуваат со предизвикот да ги спречат овие „убиства“ и кои се главните пречки во нивната ефикасност?

Чупеска:  Во зрели демократски системи, институциите се далеку поотпорни и пореспонзивни на вакви предизвици. Но, овде каде што ние живееме, и со ваква управа под која сме, каде на пример сите институции на државната управа и инспекциските служби се брутално окупирани од партиски лојалисти, институциите како МВР,АНБ, АР, и секако сите  други, наместо да нѐ заштитуваат, се чини дека се на првата линија на ова уништување, како тие да го предводат растурањето на државата , на општеството. Делумно, ова е резулат и на идеолошките анахронизми со кои ДПМНЕ е оптоварена. да се потсетиме дека врховизмот сеуште е мотивациона енергија во  нивните редови, а Мицковски јавно не се огради од тоа наследсво.  Оттука, институциите вака окупирани со конроверзни идеолошки вредности стануваат џелати, наместо да им служат на граѓаните. Тие се ставени во целосна функција, исклучиво на одредени бизнис и политички моќници, кои наместо да решаваат секојдневни проблеми на граѓаните , создаваат уште поголеми проблеми. Со едноставни зборови, оваа власт ги користи институциите за да ги заштити само и исклучиво своите луѓе, а не за да ја спроведе правдата или да ја овозможи демократијата. Напротив, дури и нашиот демократски Устав, не го третираат за фундаментален темел на државата и делуваат спротивно на него.

Рацин: Социоцидот и трастоцидот се концепти кои го истакнуваат уништувањето на социјалната структура и довербата во системот. Колку сериозно може ова да ја загрози демократијата и стабилноста на државата на долг рок?

Чупеска:  Ако се уништи едно општество, де факто, ако се создаде средина на безредие , не ни може да има услови за било-какво политичко устројство, а најмалку па за демократија. Уништувањето на општеството, кое секогаш е придружено со уништување на довербата, е нашата најголема закана за опстанок, впрочем, тоа го сведочивме токму последниве 6 месеци, имено после Кочани, особено го чувствуваме. Тоа директно се одразува и на стабилноста на државата, односно на безбедноста на граѓаните. Кога граѓаните ја изгубиле вербата во демократските институции и во можноста за остварување на правда, тогаш имаме не мал туку голем општествено-политички проблем. Луѓето стануваат отуѓени, апатични, резигнирани. А, постојаното уништување на социјалната кохезија и оправданата недоверба во институциите, на крајот доведува до целосно изолирање на граѓаните од политиката. Но не на долг рок.  Следна фаза е имплозија. Во таква состојба, недај Боже да дојдеме, многу е опасно.

Рацин: Фемицидот, особено низ трагичните случаи во Македонија, ја открива институционалната немоќ. Што, според вас, треба да се промени во законодавството и во практиката за заштита на ранливите групи, особено жените?

Чупеска:  Прво, не се сложувам дека станува збор за институционална немоќ, туку станува збор за обратно: институционално овозможено насилство. И тоа не само низ овој пример, туку низ низа претходни епизоди, кои биле системски овозможени. Во таа смисла, очигледната негрижа и неспособност на оваа власт да ги заштити најранливите, резултира не ретко со фатални последици. Инаку, во мандатот на СДСМ, фемицидот, беше етаблиран како посебно кривично дело, но и покрај тоа, капацитетите на актуелната власт по ова прашање, веројатно поттикнати од назадни и антиродови ставови, не покажуваат никаков слух.

Рацин: Екоцидот, како уништување на природната средина, се чини дека е системски проблем со долгогодишни последици. Како правниот систем може да го адресира ова и дали во Македонија постојат соодветни механизми за санкционирање на еколошките штети?

Чупеска:  Уништувањето на природата, како социјалдемократи, ние го третираме како директна последица на неолибералниот и предаторски капитализам, кој профитот го става пред благосостојбата на граѓаните и на природата. Затоа, за да се спречи, мора да се направи и целосна ревизија на економската политика – имено, колку таа е стимулативна или не за ваквите токсични индустрии. И ние во СДСМ, сме целосно усогласени со политиките на европските социјалисти на оваа тема, и нив ги промовираме во нашите програми. Во случај на уништување на природата, што е криминализирано како посебно кривично дело, секако дека треба да се гонат одговорните, вклучително и политичарите кои даваат дозволи за уништувањето на животната средина.

Рацин: Доколку се обидеме да направиме системски пристап кон овие кризи, кои би биле првите конкретни чекори кои државата и граѓанското општество треба да ги преземат?

Чупеска:  Најпрво е потребно сами да се избориме за нашиот дом, бидејќи институциите затајуваат и нивните челници не се на ниво на задачата. Во борбата за наш дом, можеби некои чекори би биле следниве: итна департизација и професионализација на институциите, односно, вработување врз основа на стручност, а не на партиска припадност; итни реформи во правосудството; задолжителна транспарентност и одговорност за јавната власт, наместо скриени договарања и ексклузивност во одлучувањето; итно откочување на преговорите со ЕУ, бидејќи со самиот процес на преговарање, трансформативниот ефект ќе се ситуира во директна системска реформа.

Но, за овој естаблишмент, ништо од ова не им е интерес. Така што граѓаните немаат партнер во оваа Власт. Би повторила дека ќе мора да си го одбраниме нашиот дом, односно да се бориме за нашиот дом.

Рацин: На крај, што би сакале да оставите како порака до младите генерации и граѓаните за нивната улога во спречување на овие кризни појави?

Чупеска:  За младите имам порака дека манипулативните политичари обожаваат апатични апстинентни гласачи. Тие и такви политичари, се плашат од критички настроени умови и голем дел од својата енергија ја вложуваат токму во пасивизирање на мислечките луѓе во едно општество. Се со цел, од послушниците да создадат верна партиска војска, која ќе работи за нивните тесни и лични интереси. Бидејќи младите се свесни, верувам дека нема да се откажат од својот природен пркос против сето она што не им се допаѓа. Мислам дека оваа власт се потпира на идејата да предизвика што е можно поголема апатија кај младите. Но, верувам дека тоа нема да ѝ успее. За вакви состојби и секојдневни трагични „социјални погибии“, потребен е масовен и организиран отпор. За Кочани, за Трубарево, за Фросина, за Росица, … за секоја жртва на институционално овозможеното насилие.

Ние како СДСМ, како парламентарна опозиција, дејствуваме во правец да корегираме, нудиме конструктивни решенија, но, апсолутното мнозинство во парламентот ништо од тоа не прифаќа. При што нема разумна причина да ги отфрла предлозите – за повисок стандард например, за помош на жртвите од Кочани и низа други вакви иницијативи…. Ние, и во наредниот период ќе останеме конструктивни но и уште ќе ја интензивираме борбата за нашиот дом, во претстојните локални избори. СДСМ, останува сѐ уште  единствената прогресивна сила во легалниот политичкиот ринг – парламетот, која навистина може да ја победи ДПМНЕ и да ги донесе потребните промени за сите граѓани. Секако, доколку и граѓаните се подготвени да се борат за својот дом.

Зачлени се на нашиот е-билтен