Една песна, една Европа: Балканот и ЕУ во заеднички ритам во Скопје

Скопје од 14 до 17 септември беше домаќин на културната иницијатива „Една песна, една Европа“, проект поддржан од „WeBalkans“ – иницијатива на Генералниот директорат за проширување и источно соседство (DG NEAR) на Европската комисија, во соработка со Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

Во рамките на проектот, 12 врвни музичари од земјите на ЕУ и Западен Балкан се обединија во Скопје за да ја преточат визијата за Европа на културна поврзаност и креативен дух во заеднички музички јазик. Свирејќи на различни инструменти – од класични до народни, од ретки до современи – тие ја изведоа химната на Европската унија, „Ода на радоста“ од Бетовен, како симбол на единство и заедништво.

Милош Николиќ, (Србија) кавал

„Како што музиката не може да постои без различни тонови кои се надополнуваат, така и луѓето, иако различни, сме повикани да се обединиме,“ изјави Милош од Србија, кој за екипата на Рацин ја отсвире прекрасната македонска песна, Јовано, Јованке.

Музичарите нагласија дека суштината на музиката е да се сподели радост, убавина и добрина, а токму тоа беше пораката на овој проект – дека културата и музиката се мостови кои ги надминуваат границите на политиката, расата и религијата.

Мајк дел Феро (Холандија) пијано

Особено внимание привлече балканската музика со својата енергија, уникатни „непарни ритмови“ (7/8, 9/8, 11/8) и богатство од традиционални инструменти. „Каде и да одиш, среќаваш музичари – сите сме исти. Не нè интересира политика, нè спојува музиката,“ истакна Мајк од Холандија, кој има свирено во повеќе од 100 земји низ светот.

Иницијативата ја нагласува важноста на културната соработка меѓу ЕУ и регионот, потсетувајќи дека со генерации луѓето од Западен Балкан и земјите-членки на ЕУ растеле со исти песни, вредности и традиции. Денес, тие заедно создаваат нови културни мостови, потврдувајќи дека токму културната поврзаност е едно од најголемите богатства на Европа.

Зачлени се на нашиот е-билтен