Извештајот, презентиран на 60. редовна сесија на Советот на ООН за човекови права во Женева, предупредува дека овие тенденции се влошуваат од 2024 година наваму, со зголемена употреба на закони за национална безбедност за потиснување на дисидентите, пренесува БТА.
Бугарката Кацарова, која ја презеде функцијата во 2023 година, во извештајот подготвен според резолуцијата 20 од 57. сесија на Советот (од 9 септември до 11 октомври 2024), истакнува дека по целосната инвазија на Русија во Украина на 24 февруари 2022 година, руските власти ги интензивирале кривичните прогонства, долгорочните затворски казни, заканите, мачењата и малтретирањето за да ја замолчат опозицијата против војната. Ова, според неа, доведува до ескалација на репресиите во Руската Федерација, додека тешките прекршувања на меѓународното хуманитарно право и човековите права во Украина остануваат неказнети.
Општи заклучоци: Авторитарна консолидација и правна инструментализација
Извештајот констатира зајакнување на репресиите и консолидација на авторитарната контрола во Русија. Нејасната и премногу општа законодавна рамка продолжува да се користи за политички мотивирани прогонства. Повеќекратната и целна примена на законите за „странски агенти“, „непожелни организации“, „дискредитирање на вооружените сили“ и ширење на „лажни вести“ за армијата („воена цензура“), како и злоупотребата на законите за „тероризам“ и „екстремизам“, претставуваат стратегија за правна инструментализација насочена кон дополнително потиснување на несогласувањето и критиката, наведува Кацарова.
Систематската криминализација на мирните активности на граѓанското општество, бранителите на човекови права, адвокатите, новинарите, политичките опоненти и антивоените активисти е поддржана од официјални наративи кои легитимното остварување на човековите права го реформулираат како „егзистенцијални закани за безбедноста“ и ги прикажуваат тие лица како „непријатели на државата“.
Државата промовира националистичка идеологија што нормализира дискриминација и насилство врз основа на идентитет, особено против жени и девојчиња, ЛГБТ+ заедницата, автохтоното население, етничките малцинства, мигрантите и барателите на азил. Ова служи како политички и идеолошки инструмент за создавање внатрешни и надворешни „непријатели“, со цел да се оправдаат пошироките репресии, додека се одвлекува вниманието од војната против Украина и корупцијата во власта.
Медиумите контролирани од државата и образовниот систем сè повеќе промовираат милитаристички наративи, прикажувајќи ја војната како патриотска должност и морален императив, додека агресијата се нормализира, нарушувајќи ја забраната за воена пропаганда. Тешките прекршувања на меѓународното право во областа на човековите права и хуманитарното право во руската војна против Украина продолжуваат неказнети, што од своја страна ги заострува репресиите во Русија и ја продлабочува кризата во земјата, заклучува специјалната известувачка.
Бројки и факти
До 18 јули 2025 година, 1040 лица и организации во Русија се прогласени за „странски агенти“, од кои 133 се додадени само во јануари. Под оваа квалификација се најдоа видни бранители на човекови права, вклучително лица поврзани со Нобеловите лауреати „Меморијал“ и „Амнести Интернешнл“, политички фигури и дисидентски настроени поранешни руски дипломати.
До 24 јули 2025 година, 245 организации се класифицирани како „непожелни“, со 46 нови додатоци од почетокот на годината, што го криминализира контактот со странски и меѓународни организации. Во мај 2025 година, „Амнести Интернешнл“ е прогласена за „непожелна“, што ги забранува нејзините операции во Русија. Минатиот месец иста судбина доживеа и организацијата за заштита на слободата на медиумите „Репортери без граници“.
Бројот на мирните протести во Русија продолжува да опаѓа, преминувајќи во онлајн или симболични форми на несогласување. Од средината на 2024 до средината на 2025 година, бројот на документирани апсења падна на 295, што одразува длабоко потиснување на јавното несогласување по масовните мирни антивоени протести во 2022 година и следните тешки репресии. Во исто време, кривичните прогонства значително се зголемија, со најмалку 3905 лица осудени по административни или кривични обвиненија за мирен израз на несогласување.
Руските власти продолжуваат да го прават правно и финансиски невозможно функционирањето на независните невладини организации. Законодавната забрана од март 2024 година за рекламирање на „странски агенти“ дополнително ги поткопува можностите на руските организации да генерираат приходи.
Во јуни оваа година, Врховниот суд на Руската Федерација ја распушти една од последните несистемски опозициски партии – „Граѓанска иницијатива“.
Од 2024 до средината на 2025 година, најмалку 912 лица се судени во Русија на политичка основа, со околу 60 нови случаи месечно. Најмалку 390 од нив остануваат во притвор.
Мачењата и малтретирањето во Русија остануваат широко распространети и систематски, зафаќајќи не само руски граѓани, туку и украински воени заробеници и притворени цивили. Во 2024/25 година документирани се најмалку 258 случаи на мачење од полициски органи, затворски службеници и затвореници кои дејствуваат по наредби на затворските власти.
Од февруари 2022 година, најмалку 536 лица добиле казни од 10 години до доживотен затвор по обвиненија за „државно предавство“, „шпионажа“ или „доверлива соработка“; најмалку 359 од нив се осудени во 2024 година.
Злоупотребата на кривични одредби за прикажување „екстремни симболи“ доведе до најмалку 67 осудителни пресуди во Русија од 2022 година. Судењето на деца за „тероризам“ и „екстремизам“ останува длабоко загрижувачко. До јули 2025 година, над 150 малолетници од 14 до 17 години се вклучени во федералниот список на „екстремисти“ и „терористи“. Има случаи каде деца се обвинети за „државно предавство“ и подложени на мачење за да дадат самопризнанија.
Репресии против медиумите
Од 2022 година, руските власти покренале 1259 кривични предмети против лица поради нивните изјави, вклучително критики кон државата и спротивставување на војната против Украина. За тој период, 247 новинари и медиуми се прогласени за „странски агенти“, од кои 59 во 2024 и уште 40 во првите четири месеци од 2025 година. Околу 40% од сите предмети за непочитување на законот за „странски агенти“ се насочени кон новинари и блогери. До јуни 2025 година, 195 медиуми се класифицирани како „непожелни“, што доведе до судски прогонства и казни до шест години затвор.
Со 50 претставници на медиумите во затвор, Русија е на трето место во светот по овој показател. Меѓу нив се 29 украински новинари, притворени во Русија или на окупираните украински територии. Од јули 2024 до јули 2025 година, 42 руски новинари се осудени на до 12 години затвор. Властите покренале нови кривични предмети против 89 руски новинари, што е драстично зголемување во споредба со 2023 година (23 случаи).
Најмалку 65 руски новинари во егзил се соочуваат со кривични предмети. Нивните имоти и банкарски сметки во Русија се конфискувани од властите.
Од јули 2024 година, покренати се најмалку 28 кривични предмети против новинари за непочитување на законот за „странски агенти“, со осуда на тројца претставници на медиумите.
Обвиненијата за „екстремизам“ и „тероризам“ сè почесто се користат за замолчување на независните новинари. Од јули 2024 до јули 2025 година, покренати се најмалку осум нови кривични предмети и 12 новинари се осудени за „екстремизам“.
Од 2022 до 2025 година, Руската Федерација ги засили репресиите и против културните дејци. До 9 април 2025 година, притворени се најмалку 41 претставник од овој сектор.
Сè поголем притисок и судски прогон се врши и врз бранителите на човекови права, антивоените активисти, еколошките активисти, верските дејци и политичките опоненти.
Притвор и малтретирање на Украинци
До мај 2025 година, илјадници украински цивили се насилно држeни во притвор во Русија. Бројот на смртни случаи од мачење, вклучително одбивање на pru\awe медицинска нега, е непознат. На Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) му е одбиен пристап до притворените Украинци.
На 14 февруари 2025 година, телата на 757 убиени во борба биле репатрирани во Украина. Едно тело, означено како „неидентификуван маж“ и без некои органи, преку ДНК тест е идентификувано како Викторија Рошчина – 27-годишна украинска новинарка, почината во притвор во Русија. Судско-медицинската анализа открила мачење, вклучително повреди од струен удар. Потврдено е дека последно била видена на 8 септември 2024 година во затворот СИЗО-2 во Таганрог.
Ослободени од руски затвор Украинци – цивили и воjnici– интервјуирани од специјалната известувачка, раскажале за мачење од медицински персонал во места за притвор во Русија. Тие известиле за лекари кои толерирале мачење на притвореници или биле сведоци на такви, но не ги пријавиле. Нивните сведоштва се потврдени од други жртви и сведоци.
Извештајот посебно го споменува шокантниот случај од февруари 2024 година, кога повредениот украински воен заробеник Андреј Переверзев бил тепан и подложен на струјни удари во присуство на здравствен работник, кој дал инструкции каде да се постават електричните проводници и колку време. За време на операција во болницата „Калинин“ во Доњецк, хирург од Москва го жигосал стомакот на Переверзев со натпис „Слава на Русија“ и буквата „Z“ (симбол на т.н. руска специјална воена операција во Украина), користејќи медицински инструмент за каутеризација. Подоцна, во Болница бр.15 во Доњецк, тој бил повторно мачен, вклучително со струен удар, а медицинскиот персонал бил сведок, но не интервенирал.
Освен тоа, дезертирањето стана еден од главните начини за руски граѓани кои сакаат да го избегнат учеството во војната, истакнува специјалната известувачка. Оценките покажуваат дека од 2022 година дезертирале над 50.000 руски војници, што претставува близу една десетина од сите распоредени во Украина. Од 2022 година, над 16.000 руски војници се гонети за престапи поврзани со дезертирање, од кои над 13.500 регрути и професионални војници се осудени минатата година.
Заклучоци и препораки
Ситуацијата со човековите права во Русија постојано се влошува, што претставува сеизмички пад, известува специјалната известувачка. Во изминатите три и пол години, руските власти следат намерна стратегија за потиснување на несогласувањето преку засилена цензура, политички мотивирани прогонства според претерано општи одредби за јавна безбедност и национална сигурност, и проширување на законите за „странски агенти“ и „непожелни лица“. Новинарите, бранителите на човекови права, опозициските фигури и активистите се соочуваат со затвор, мачење и долгорочни казни, додека граѓанскиот простор се уништува систематски и целно. Руските власти ја демонтираа институционалната независност, ставајќи го правосудството, законодавството и органите за спроведување на законите под директна политичка контрола. Ова системско заземање ги претвори државните институции во инструменти на репресии и војна. Овие мерки имаат исклучително тешко влијание врз ранливите групи, особено жените, ЛГБТ+ заедницата, националните и етничките малцинства, автохтоното население, верските групи и мигрантите, кои се посебно таргетирани и користени како жртвени јагниња во официјалната реторика и пракса.
Специјалната известувачка упатува повеќе препораки до руските власти, вклучително да стават крај на репресиите и да ги укинат законите за „странски агенти“ и „непожелни лица“, како и прогонството на дисидентите по обвиненија за „тероризам“ и „екстремизам“. Кацарова ги повикува руските власти да усвојат стратегија за зајакнување на поддршката за дисидентите и бранителите на човекови права. Таа се залага за создавање официјален и ефикасен меѓународен механизам за веднаш и безусловно враќање на сите депортирани украински цивили притворени во Руската Федерација, вклучително депортираните украински деца, независно од нивниот статус или исходот од евентуалните мировни преговори, со соодветно учество на МКЦК.
Кацарова ги повторува претходните препораки до руските власти, но додава дека, за жал, сите тие останале неисполнети.
Претходно овој месец, Министерството за надворешни работи на Руската Федерација во изјава наведе дека земјата „не го признава мандатот на оваа нелегална специјална процедура“, мислејќи на позицијата на Кацарова, и нагласи дека „секоја форма на соработка со неа е неприфатлива“ за Москва.