Ќе влезе ли Црна Гора во ЕУ со построги правила од Хрватска?

Црна Гора

Црна Гора во ЕУ би можела да влезе со пристапен договор построг од оној што Хрватска го потпиша во 2011 година, бидејќи Брисел подготвува нов модел на проширување во кој условите, надзорот и заштитните механизми нема да завршат со потписот на договорот, туку ќе продолжат и по членството, анализира European Western Balkans.

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ на 22 април одобриле формирање ад хок работна група што треба да го подготви пристапниот договор со Црна Гора. Основната структура најверојатно ќе се потпира на хрватскиот пример, но договорот со Подгорица се очекува да содржи посилни и построги заштитни клаузули.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос неодамна изјавила дека црногорскиот пристапен договор ќе биде првиот што ќе вклучи нови заштитни механизми. Таквите клаузули не се целосна новина во ЕУ, но овојпат се поврзуваат со пошироките подготовки на Унијата за ново проширување, од институционален, политички и финансиски аспект.

Поранешниот директор во Генералниот директорат за проширување на Европската комисија, Пјер Мирел, за European Western Balkans оценува дека договорот мора да содржи силни гаранции за заштита на судскиот систем, неговата независност, непристрасност и ефикасност, со мониторинг од Европската комисија и по пристапувањето. Тоа значи дека Црна Гора, дури и ако стане членка, нема автоматски да излезе од фокусот на Брисел во делот на владеењето на правото.

Клучната промена е во логиката на проширувањето. Фјона Меркај од European Liberal Forum оценува дека договорот со Црна Гора најверојатно ќе оди подалеку од хрватскиот, и по обем и по филозофија. Наместо проширување што во голема мера се потпира на доверба, Унијата сè повеќе се движи кон модел во кој новата членка мора постојано да докажува отпорност на институциите и усогласеност со европските стандарди.

Хрватскиот договор предвидуваше преодни периоди во области како слободно движење на работници, капитал, конкуренција, финансиски услуги, транспорт и внатрешни граници. Слични преодни периоди се очекуваат и за Црна Гора, но овојпат тие би можеле да бидат поврзани со конкретни економски показатели, особено поради ризикот од одлив на работна сила.

Овој дел е особено чувствителен за Подгорица. Мирел посочува дека можен преоден период за слободно движење на работници не мора да биде воведен само поради страв на земјите членки од нови работници, туку и за да се заштити самата Црна Гора од губење кадри. Како примери се споменуваат туристичкиот сектор, каде земјата веќе има недостиг од работна сила, како и здравството, каде заминувањето на медицински сестри и лекари би можело дополнително да го ослаби јавниот систем.

Најважниот дел од идниот договор, според анализата, ќе биде продолжената условеност. Хрватска во својот договор имаше три заштитни клаузули: општа економска, клаузула за внатрешниот пазар и клаузула за правда и внатрешни работи. Тие овозможуваа заштитни мерки доколку земјата не ги исполнува обврските во периодот пред пристапувањето.

Во случајот на Црна Гора, механизмите може да бидат поцврсто врзани со владеењето на правото и пристапот до европски фондови. Мирел потсетува дека ЕУ веќе има механизам за буџетска условеност, кој овозможува замрзнување средства ако прекршувањето на владеењето на правото го загрозува европскиот буџет.

Меркај оценува дека договорот со Црна Гора може да воспостави потрајна врска со годишниот извештаен циклус на ЕУ за владеење на правото. Тоа би значело дека Унијата ќе има можност да паузира или повлече одредени придобивки од членството ако демократските стандарди назадуваат.

Во поширок политички контекст, ова покажува дека Црна Гора можеби е најнапредната кандидатка за членство, но нема да добие „празен чек“. Европската унија, по искуствата со внатрешни проблеми околу владеењето на правото кај дел од сегашните членки, сака да влезе во следното проширување со повеќе осигурувачи.

За Западен Балкан, ова е важен сигнал. Ако Црна Гора како лидер во процесот добие построг договор, тоа веројатно ќе стане модел и за следните земји кандидати. Членството во ЕУ останува цел, но идните договори ќе бидат помалку церемонијални, а повеќе контролни документи со јасни механизми за надзор, условување и можни последици.

Зачлени се на нашиот е-билтен