Смрт на А3: камион со македонски таблички изгоре на автопат во Хрватска

Едно лице загина во тешка сообраќајна несреќа на хрватскиот автопат А3, во близина на Среданци, откако камион излетал од коловозот, ја пробил заштитната ограда и се запалил. На местото на несреќата биле пронајдени регистарски таблички од Република Северна Македонија, а хрватската полиција продолжува со утврдување на идентитетот на загинатиот возач.

Несреќата се случила на 5 мај, околу 14:15 часот, на подрачјето на општина Доњи Андријевци. Камионот се движел по јужната коловозна лента, по што излетал од патот кон северната страна, ја пробил централната метална заштитна ограда, удрил во столб за јавно осветлување и преминал на спротивната коловозна лента. По занесувањето повторно удрил во заштитната ограда и во уште еден столб, по што избувнал пожар.

Возилото целосно изгорело, а во несреќата животот го загубило едно лице. На терен биле ангажирани итните служби, пожарникари, полиција и екипи за санација на оштетената електроенергетска мрежа. Сообраќајот на автопатот се одвивал отежнато и под полициска регулација, а во еден период бил и целосно запрен поради интервенцијата и увидот.

Хрватската полиција соопшти дека истрагата продолжува за да се утврдат сите околности на несреќата, како и идентитетот на загинатото лице. Засега официјално е потврдено дека на местото биле пронајдени македонски регистарски таблички, додека дел од хрватските медиуми јавуваат дека станува збор за државјанин на Северна Македонија.

Зачлени се на нашиот е-билтен