„Другарството е богатство“ ќе се одржи на 10 мај на Школка во Градскиот парк во Скопје, со почеток во 11 часот, како инклузивен настан за зголемување на свесноста, прифаќањето и почитувањето на децата и лицата со атипичен развој, во организација на Здружението „Аутизам ААМК“.
Настанот, кој се одржува под пораката „Различностите сплотуваат“, ќе трае до 14:30 часот и е отворен за сите деца, родители, семејства и граѓани. Организаторите најавуваат голема игротека на отворено, со спортски, забавни, едукативни и музички активности, ликовна работилница и повеќе сценски настапи.
Ова е седмо издание на настанот, кој се организира од 2018 година. Целта е преку игра, песна и заедничко дружење да се покаже дека децата со атипичен развој сакаат исто што и сите други деца: да играат, да се смеат, да пеат, да бидат поканети, прифатени и вклучени.
Од „Аутизам ААМК“ порачуваат дека семејствата треба да ги надминат предрасудите и стравовите што најчесто произлегуваат од непознатото. Настанот треба да биде можност за запознавање со лицата со атипичен развој и нивните семејства, но и поттик за поголема поддршка во секојдневието.
Пораката на организаторите е дека инклузијата почнува од прифаќањето на децата онакви какви што се. На 10 мај, Школка ќе биде простор за заедничка игра, насмевки, прегратки и порака дека сите деца сакаат да растат и да другаруваат заедно.