Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО–ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, најави пакет инфраструктурни зафати во општина Ѓорче Петров, со акцент на нов кружен тек на крстосницата меѓу ул. „Ѓорче Петров“ и бул. „Македонска војска“, кој, според него, треба да ја зголеми безбедноста и да го растовари метежот на западниот влез во градот. „Овие проекти не се само ветувања. Тие се наша обврска и визија – Скопје да стане град со модерен сообраќај, сигурна инфраструктура и еднаков пристап до квалитетен живот за сите граѓани,“ изјави Ѓорѓиевски.
Покрај кружниот тек, најавени се реконструкција на ул. „101“ во Волково, изградба на улиците „Веле Марков“ и „Шарпланинска“, како и поврзување на ул. „Лука Геров“, што, како што посочува кандидатот, треба да ја подобри локалната поврзаност, пристапот до јавниот превоз и протокот на возила низ густо населени делови на општината.
Во делот на комуналната инфраструктура, планот опфаќа нов резервоар и пумпна станица на Оризарски рид за стабилен притисок во водоводната мрежа, како и нов современ објект за средното училиште „Кочо Рацин“ во соработка со Владата. Ѓорче Петров, нагласи Ѓорѓиевски, би станал „пример како внимателно планирани капитални вложувања го подобруваат секојдневието на граѓаните“.