Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Маврово и Ростуше, остро ја критикуваше економската политика на актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, предупредувајќи на сериозни финансиски проблеми и пад на странските инвестиции.
Филипче истакна дека според проценките, до крајот на годината во државниот буџет ќе недостасуваат 1,4 милијарди евра, што, како што рече, ќе го загрози редовното исплаќање на плати, пензии, социјална помош и поддршка за компаниите.
-Година и пол наназад предупредуваме, укажуваме дека водат лоши економски политики, дека ќе завршиме во амбис, меѓутоа тие, нашите сугестии, предлози, укажувања едноставно не ги приметуваат. До крајот на годината во буџетот на државава ќе недостасуваат 1,4 милијарди евра. 1,4 милијарди евра ќе недостасуваат да се исплатат плати, да се исплатат пензии, ќе недостасуваат пари да се даде социјална помош да се даде помош на компаниите. Тие пари може да се добијат само од нови задолжувања, истакна Филипче.
Тој додаде дека додека земјите од регионот бележат економски раст и зголемување на платите, македонската економија стагнира, а работниците не можат да добијат ниту минимална плата од 500 евра.
Во своето обраќање, Филипче се осврна и на падот на странските инвестиции, посочувајќи дека во првите два квартали од 2025 година, инвестициите биле под 300 милиони евра, за разлика од 2024 година кога, според него, благодарение на политиките на СДСМ, биле привлечени рекордни милијарда евра.
-Странските инвеститори ја губат довербата. Знаат дека државата ја води влада без визија, без капацитет за реформи и без интерес за европска иднина, нагласи Филипче.
Тој заклучи дека граѓаните секојдневно се соочуваат со економски застој, нема нови проекти, нема раст на платите и пензиите, а довербата во институциите се губи.
-На 19 октомври граѓаните ќе испратат силна порака. Време е за развој, стабилност и европска Македонија, порача Филипче.