Вкупно 1.451 набљудувач ќе ги следи осмите локални избори во Македонија, што ќе се одржат во недела. Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), акредитирани се 807 домашни и 644 странски набљудувачи, како и 12 странски новинари.
Најголем број домашни набљудувачи има Здружението за развој на општествено-социјални иновации „ВАКЕ УП“ – Скопје, со 549 лица. Меѓу акредитираните организации се и МКЦ-Битола (23 набљудувачи), ЛАГ Агро Лидер – Кривогаштани (5), Интерактив Битола (8), Ромалитико – Скопје (10), Здружението „За Тетово“ (5), Националниот совет за родова рамноправност (25), Планинарски спортски клуб „КАБ Струга“ (16), Евротинк – Центар за европски стратегии (4), ЦИВИЛ – Центар за слобода (60), Три Си Консалтинг – Скопје (6), Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид (27), Националната мрежа „Жените за жените“ (20), како и Демокраси Лаб Тетово, Инклузива, ИНСОК, ИНТЕГРА НАУ и други здруженија.
Меѓу меѓународните набљудувачи, најбројна е ОДИХР – Канцеларијата за демократски институции и човекови права, со 524 претставници. Следуваат Амбасадата на САД во Скопје (30), Европскиот парламент (12), Британската амбасада (11), Амбасадата на Холандија (10), Централната изборна комисија на Косово (10) и Амбасадата на Франција (9).
Меѓу акредитираните се и претставници од Унгарија, Хрватска, Швајцарија, Албанија, Турција, Словачка, Украина, Молдавија и Грузија, како и Меѓународната фондација за изборни системи (IFES) со седум набљудувачи.
ДИК соопшти дека сите набљудувачи ќе имаат пристап до избирачките места, како и до процесот на броење и утврдување на резултатите, во согласност со законските прописи и изборниот кодекс.