На по едно избирачко место во Куманово и Штип се гласа без биометриска идентификација

ДИК, соопшти дека гласањето на две избирачки места, во Куманово и во Штип, се одвива без користење на уредите за биометриска идентификација

Претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко, соопшти дека гласањето на две избирачки места, едно во Куманово и едно во Штип, се одвива без користење на уредите за биометриска идентификација поради објективни и технички причини.

Во Куманово, на избирачкото место број 1133 со 12 запишани гласачи, гласањето продолжило со УВ-спреј и УВ-ламба, откако поради недостаток на електрична енергија од страна на екипи на ЕВН било констатирано дека интервенцијата би траела најмалку час и половина.

Слична одлука е донесена и за избирачкото место 2271 во Штип, каде има 507 гласачи. Таму, и покрај обидот со два резервни уреда и картички, ИТ-лицата не успеале да го стартуваат уредот за биометриска идентификација.

„Тоа значи дека во целата држава од 3 474 места кои се уредно и навремено отворени, гласањето без уред за биометриска идентификација се одвива само на две избирачки места. Тоа се објективни фактори на техниката, незначителен процент. Гласањето во овој момент се одвивеа без никакви плотешкотии и дојави од изборните органи за било какви проблеми во текот на гласањето на овиел места“, рече Кондарко.

Претседателот на ДИК потсети дека минатата година на претседателските и парламентарните избори, слична одлука била донесена за шест избирачки места.

Зачлени се на нашиот е-билтен