Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, со нова објава на социјалните мрежи директно ја посочи партијата ВМРО-ДПМНЕ како одговорна за, како што вели, „ѓубрето и колапсот во метрополата“, тврдејќи дека четири години клучните одлуки за работењето на ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ се во рацете на кадрите на Мицкоски.
Во објавата Арсовска детално ја опиша структурата на надлежностите во претпријатието, нагласувајќи дека Советот на Град Скопје, со мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, има конечна надлежност за сите одлуки поврзани со јавните претпријатија, вклучително и „Комунална хигиена“.
„ЈП Комунална хигиена е формирано со одлука на Советот на Град Скопје, кој е надлежен за сите согласности и одлуки. Управниот одбор кој управува со претпријатието е составен од членови на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН и е избран од истиот Совет“, напиша Арсовска.
Таа додава дека претседателката на Управниот одбор, како што ја нарекува, „осудена криминалка за две кривични дела“, е партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ, наградена со советничко место во општина Бутел. Според неа, оваа поставеност овозможила политичка блокада на клучните одлуки.
„Функционирањето на секој директор зависи од одлуките на Управниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Кој и да е поставен директор, тој е блокиран и може да спроведува само тоа што тие ќе изгласаат“, наведува Арсовска.
Градоначалничката истакна и дека Советот на градот не презел ниту една законска мерка за обезбедување непречено работење на претпријатието, ниту пак за разрешување на Управниот и Надзорниот одбор, и покрај законските можности.
Во објавата таа посочува дека политичката одговорност на ВМРО-ДПМНЕ е „неспорна“ и дека хаосот со отпадот е резултат на намерна опструкција на одлуки со кои требало да се обезбеди редовно собирање на сметот.
„По логиката на МВРО, утре би требало со полиција да влезат во Народна банка и да поднесат кривична пријава за гувернерот затоа што не презел мерки по закон“, напиша Арсовска, додавајќи дека законот е јасен и достапен за секој што сака да се информира.
Во јавноста објавата предизвика нов бран реакции, во време кога главниот град се соочува со најтешката хигиенска криза во последната деценија — преполни контејнери, непразнет смет и обвинувања меѓу локалната власт и опозициските структури за блокада на системот.