Епидемиологот д-р Драган Даниловски предупред дека Скопје се наоѓа во состојба на јавноздравствена закана без преседан, оценувајќи дека колапсот на системот за собирање отпад го довел градот до „точка без повраток“. Во својата објава на социјалните мрежи, тој порача дека „Рубиконот е преминат“, откако купиштата ѓубре, глодарите и неодговорноста на институциите веќе го загрозуваат здравјето на граѓаните.
„ЈП ‘Комунална хигиена’ практично не функционира, а купишта ѓубре се натрупани околу контејнерите. Ова веќе не е прашање на естетика, туку на јавно здравје“, пишува Даниловски. Според него, последниот инцидент — каснување на дете од глушец во училишен двор — е симболичен доказ за системскиот распад.
Во анализата тој предупредува дека натрупаниот отпад создал идеални услови за развој и размножување на глодари, преносители на сериозни заразни болести како лептоспироза, хантавирус и дури бубонска чума. „Стаорците се размножуваат експоненцијално — во само 18 месеци, еден пар може да даде повеќе од еден милион потомци. Во Скопје сите предуслови се исполнети: храна, вода и засолниште“, вели Даниловски.
Тој предупредува дека епидемиолошките ризици растат експоненцијално и потсетува на историски примери кога ширењето на глодари довело до катастрофални последици. „Во Средниот век, црната смрт однесе милиони животи. Денес имаме медицина и антибиотици, но би било неодговорно да дозволиме создавање биолошки резервоар на зараза во срцето на главниот град“, наведува тој.
Даниловски смета дека каснувањето на дете од глушец е „црвена линија што не смееше да се премине“, и повикува на итна реакција на сите надлежни институции. „Потребна е координирана интервенција, вклучително и можност за прогласување вонредна состојба на делови од градот — заради дезинфекција, дезинсекција и дератизација“, нагласува тој.
„Причините — организациски, политички или финансиски — стануваат ирелевантни кога се доведува во прашање здравјето и безбедноста на децата“, додава Даниловски, потсетувајќи дека правото на здравје е уставно загарантирано право на секој граѓанин.