Кандидатот на Левица за Град Скопје, Амар Мециновиќ, оцени дека Владата ја злоупотребува кризата со отпадот во главниот град и „прави театар со здравјето на скопјани“. Мециновиќ изјави дека Левица ќе се позиционира како обединувачка сила на антивладините гласови во Скопје. „Нашата улога како обединувачка сила е очигледна — тоа е одговорност и привилегија. Испишуваме нови страници во политичката историја на Македонија“, рече тој.
Мециновиќ најави разговори со неколку независни листи за можни коалициски аранжмани во Советот на Град Скопје. Како пример го наведе движењето „Зелен хуман град“, со кое, како што истакна, веќе имале усогласени ставови и заеднички гласања во претходниот мандат. „Верувам дека и овојпат можеме да најдеме заеднички точки на интерес“, додаде тој.
Во оценката за тековната политичка состојба, Мециновиќ говореше за „мобилизација против владината политика“, обвинувајќи дека властите ја „истрошиле“ јавноста во Скопје со доцнења и нефункционалност во управувањето со отпадот. „Владата сакаше до крај да ги истроши скопјани, за потоа да прави театар со нивното здравје — тоа е доказ за деструктивна власт“, изјави кандидатот на Левица.
Мециновиќ најави дека партијата ќе понуди „проактивна алтернатива“ фокусирана на интересите на граѓаните, со јасни политики за јавна хигиена и градски услуги. „Не сакаме повторно да се повтори сценариото со градоначалничката Данела Арсовска. Ние сме тука да ја исполнуваме агендата на скопјани, не на поединци“, рече тој.