Во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип вечерва започнува јубилејното 40-то издание на „Макфест“, најпознатиот македонски фестивал на забавни мелодии. Првата од трите фестивалски вечери ќе биде посветена на младите пејачи, со цел да им се даде шанса да се претстават и музички да се профилираат, соопшти уметничкиот одбор на фестивалот.
Фестивалот традиционално започна со кревањето на фестивалското знаме, во кое учествуваа пејачите Лара Иванова, Валдера и Зоран Илиев. На прес-конференцијата, градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, истакна дека „Макфест“ одамна не е само штипски фестивал, туку македонски музички бренд кој ја негува домашната песна и претставува важна сцена за развој на младите таленти.
Вечерва ќе настапат 13 изведувачи: Валдера (Влатко Иљачев), Анастасија Никова, Дорис Димовска (Дорис Ди), Бобан Вељановски, Марија Наумоска, Катерина Јовановиќ, Бони и Тони, хрватскиот пејач Дино Петриќ, Санела Шукриновска, Стефан Ефремов, Агни Авшар и Елена Наумова.
„Овие млади музичари се иднината на македонската естрада. Некои од нив веќе имаат јавни настапи, но за сите ‘Макфест’ е шанса да направат следен чекор во кариерата,“ изјави уметничкиот директор Роберт Саздов.
Утрешната вечер ќе биде посветена на искусните изведувачи, додека на 25 октомври ќе се одржи големата гала вечер по повод 40 години „Макфест“, со настапи на некои од најпознатите имиња од македонската музичка сцена: Тања Кочовска, „Силви бенд“, Питер Џон Босе, Владо Јаневски, Сашо Гигов – Гиш, Ристо Самарџиев, Мики Јовановски – Џафер, Ламбе Алабаковски, Пајак, Лара и други.
Македонската радио-телевизија (МРТ) ќе врши директен пренос од сите три вечери, со почеток во 20 часот, а водители на фестивалот ќе бидат Марјана Станојковска и Димитар Атанасовски.


