Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, откако го свика општинскиот кризен штаб за справување со ѓубрето коешто во улиците во Центар со денови не го собира Град Скопје, објави план за масовна дератизација во училиштата, градинките и зградите, како вонредната во шахтите, којашто што е во тек.
„Ова не е време за политика, туку за одговорност и работа“, напиша на социјалните мрежи Герасимовски и ги објави мерките во 10 точки за справување со кризата:
1. Апелирам сите граѓани и компании да ги почитуваат и да се информираат. Ајде заедно да придонесеме да го надминеме проблемот кој го создаде Комунална хигиена.
2. Деноввие ќе бидат поставени помали контејнери за секојдневен отпад во густо населените делови и поголеми контејнери за кабаст отпад (кои ќе се користат за обичниот отпад) на стратешки локации. Ве молам да го одлагате отпадот таму за полесно собирање и чистење.
3. ЈП „ПОЦ“ ќе организира посебни пунктови и распоред за собирање на угостителски отпад. Ги повикуваме сите ресторани, кафулиња и локали во Центар: 1) Да го одлагаат отпадот на локации каде контејнерите не се преполни 2) Да го ставаат во двојни, или тројни кеси со цел да биде подобро заштитен. За ова ќе има информација веќе утре за тоа кои се локациите, а сите угостители ќе бидат директно информирани.
3. За денес (24 октомври) е предвидена итна средба со угостителите на која ќе бараме решенија за справувањето со сметот во Центар.
4. Викендов се прави итна дератизација и дезинфекција во училиштата и градинките, како и мапирање на кризни точки во близина на училиштата кои мора да се исчистат. Мора да се спречи сметот да се трупа во близина каде престојуваат нашите деца.
5. Во моментот општината врши вонредна дератизација. Во сите 1980 шахти се фрла серитифициран препарат.
6. Општината ќе организира средба со сите управители на згради и куќни совети. На секое домаќинство ќе му бидат доделени големи, бесплатни кеси за отпад кои добро се затвораат и потешко се кинат.
6. Секој влез ќе биде задолжен да направи дератизација. Најважно е да има дератизација на сите подрумски простории со цел спречување на ширење и размножување на глодарите.
8. Засилена дератизација и дезинфекција ќе спроведеме на сите јавни површини, паркови и подрумски простории во јавните згради и објекти.
9. Испраќам отворен повик до сите компании да помогнат со механизација, камиони и логистика. Ова е момент кога треба да покажеме оппштествена одговорност и солидарност.
10. Општинската инспекција ќе биде постојано на терен, со задача да врши контрола на несовесно фрлање на ѓубре од градилишта, дуќани и фирми. Казните ќе бидат ригорозни за секое несовесно однесување.


