Во пресрет на вториот круг од локалните избори, редакцијата на Рацин.мк избра да ги соочи кандидатите за градоначалник на Општина Кочани. Зошто го одбравме Кочани сметаме дека нема потреба посебно да се елаборира. После трагедијата во дискотеката „Пулс“ во овој град, кога животите ги загубија 63 млади луѓе, општината влезе во пост-трауматичен, деликатен и чувствителен период. Токму затоа вниманието не јавноста е посебно насочено кон Кочани бидејќи изборот на градоначалник во голема мерка е од значење за периодот кој следува. Болката и траумата да се ублажи, а сеќавањето на трагедијата и на жртвите да не избледи за да остане како поука за да се уредат безбедносните прашања во животот на граѓаните.
Во подготовките за оваа намера, редакцијата стапи во контакт со двајцата кандидати кои добија шанса во вториот круг да ја придобијат довербата на граѓаните: Владко Грозданов од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и Венко Крстевски, независен кандидат на граѓанска иницијатива.
Во телефонските разговори и преписката што ја имавме со двајцата кандидати им ветивме дека ќе добијат подеднакво време за искажувања на прашањата што им ги подготвивме и што им ги испративме предвреме за да се подготват и дека ќе добијат по шеесет секунди, односно по една минута одговор за секое од прашањата. Дека секој од нив ќе има еднакви шанси да се искаже за својата програма пред вториот круг на изборите во Кочани.
Господинот Венко Крстевски веднаш ја прифати нашата понуда уште во првото јавување.
Со господинот Грозданов се убедувавме. Тој рече дека на 23 октомври, кога требаше да снимаме во Кочани, ќе биде во Скопје. Му рековме дека ќе обезбедиме камера и во Скопје по што прифати да го снимиме интервју.
Но, триесетина минути откако ги доби прашањата, тој, за жал, со порака не извести дека „не може да одговори на нашиот повик“, односно на предлогот да го снимиме интервјуто.
Ова е прашањата што ги добија двајцата кандидати за градоначалник на Кочани:
01. Зошто се кандидирате за градоначалник на Кочани? Свесни ли сте колкава одговорност преземате врз себе доколку бидете избран?
02. Трагедијата од 16 март го зацрни Кочани. Што конкретно ќе направите за никогаш да не се повтори ништо слично во Кочани?
03. Дали се согласувате со барањата кои секоја сабота низ марширање ги изнесуваат роднините на жртвите и на повредените?
04. Што ќе направите за да остане вечен споменот на младите кочански ангели кои не се веќе со нас?
05. Како ќе ги решите горливите проблеми во Кочани и во другите населени места како што се сообраќајниот хаос и урбаното самоволие? Или пак можеби ќе имате други приоритети?
06. Како ќе го решите проблемот со старата Касарна во која повеќе семејства со десетици дечиња живеат во нечовечки услови?
07. Зошто еден млад човек денес треба да остане да живее во Кочани?
08. Зошто баш Вам треба да Ви се верува?
Како што рековме Грозданов не одби, тоа е негов избор. Остана интервјуто со господинот Венко Крстевски ќе го објавиме денеска (утре)
Во интервјуто Венко Крстевски, независниот кандидат, вели дека гласот за него е глас за рушење на вмровскиот систем во општината којшто создава трагедии и којшто е неподнослив за младите.
Интервјуто со Венко Крстевски ќе го објавиме денеска, подоцна попладне.


