Герасимовски: Центар стои зад мене, победуваме во вториот круг

Горан Герасимовски вели дека Центар му ја зацврстува поддршката и дека вториот круг ќе го донесе продолжувањето на неговиот мандат. Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Општина Центар вчера беше на терен во маалата, со средби „од врата до врата“, и по тие средби изјави дека центарците му дале јасна порака дека сакаат да ја води општината уште четири години. „Поддршката од центарци за вториот круг значително се зголемува. Победуваме во недела“, порача тој.

Герасимовски настапи не само со политичка порака, туку и со листа на конкретни ветувања што ги претстави како програма за втор мандат. Тој на жителите им зборуваше за модерен дом за стари лица и нова градинка, за набавка на две цистерни и пет метларки, за ограничување на движењето на возилата во Дебар Маало со цел да се намали метежот, како и за поставување монтажни катни гаражи и нов административно-граѓански објект. Најави и два покриени базени и т.н. „Центарска картичка“, замислена како локална услуга за жителите на општината. Според него, тоа се проекти што треба да ја одредат следната фаза на управување со Центар.

Во настапот тој инсистираше на сликата за себе како градоначалник кој работи „домаќински“, без непотребно трошење пари. Потсети дека, како што вели, општината не потрошила ниту еден денар на непродуктивни трошоци и дека за време на неговиот мандат била изградена „најмодерната градинка во државата“, реконструкцијата на салата „Работнички“ е во завршница, во основните училишта и градинките се подобрени условите, а низ општината е поставено ново смарт осветлување. Тој тврдеше дека вака се води општина „во интерес на сите граѓани, а не на политички интереси“, и дека со истата логика сака да продолжи и по вториот круг.

Од средбите на терен, Герасимовски ја доби и пораката која СДСМ сака да ја нагласи пред гласањето: дел од жителите јавно му се заблагодарија за акциите за чистење на сметот низ Центар во текот на годината. Таа благодарност сега станува дел од кампањската слика со која СДСМ се обидува да го претстави актуелниот градоначалник не како класичен партиски кадар, туку како човек кој, како што велат од таборот, одговара на ситните секојдневни проблеми на улица.

Зачлени се на нашиот е-билтен