Орце Ѓорѓиевски ја раскажува својата визија за Скопје низ една слика: Градскиот парк како живо срце на градот, место што не е само зеленило и патеки, туку простор што „дава душа, инспирира и создава спомени“. Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ вели дека паркот мора да стане позелен, почист и поурбан, со современи решенија што ќе го вратат чувството дека главниот град има вистински јавен простор за одмор и заедништво. „Сакам да создадеме простор каде луѓето ќе се дружат, ќе создаваат нови спомени и ќе уживаат во среќни мигови“, изјави тој.
Ѓорѓиевски најавува ревитализација на целиот парк како долгорочен приоритет. Вели дека тоа нема да биде уште една козметичка акција со неколку нови клупи и фарбање корпи, туку системско средување на зелените површини, урбана опрема и пристапност, со цел паркот да стане „централна оаза на главниот град“. Според него, ова ќе биде простор во кој жителите на Скопје треба да се чувствуваат безбедно, да се движат удобно и да дишат почист воздух. Акцентот, како што вели, ќе биде ставен на одржливост и проширување на зеленилото, наместо на ново бетонирање, со јасна порака дека Градскиот парк треба да остане зелен симбол, а не паркинг-површина или комерцијална локација.
Проектот, според кандидатот, ќе се прави „заедно со граѓаните“. Слоганот што тој го повторува е „Скопје го правиме заедно, по скопски“. Тоа, според објаснувањето, значи јавни консултации и директно вклучување на луѓето кои секојдневно го користат паркот – родители со деца, рекреативци, велосипедисти, луѓе што шетаат миленици, постари лица кои паркот го доживуваат како единствено место за мирен воздух во град што постојано бучи. Ваквиот тон е дел од неговата поширока кампања во која често инсистира на чист град, уреден јавен простор и чувство дека Скопје мора повторно да биде град за живеење, а не град што се трпи.
Ова ветување за Градскиот парк доаѓа во момент кога кампањата за Скопје е силно завртена околу екологијата, чистотата и сообраќајниот хаос. Ѓорѓиевски веќе со недели ја турка пораката дека Скопје мора да стане „зелено, чисто и модерно“ и дека мора да престане, како што вели, „да личи на импровизирана депонија меѓу булевари и кабли“. Тој зборува за нови зелени коридори, средени кејови, уредени јавни претпријатија и враќање на основната градска функција – одржување, поправка, ред. Во рамките на оваа реторика тој јавно најави дека уште во првите 72 часа по преземањето на функцијата би отпочнал координирана акција за чистење на Скопје со сите општини, со амбиција градот буквално да „заблеска“ за три дена. Идејата е да се прати сигнал дека „хаосот е готов“ и дека градската администрација ќе се занимава со секојдневните проблеми, не само со проекти на хартија.
