Албанскиот политички кампус се тресе. Коалицијата ВЛЕН (во дел од соопштенијата пишувана и како „ВРЕДИ“) излезе со порака дека „Албанците се разбудија“ и дека 2 ноември ќе ја означи „новата ера без ДУИ“. Тврдат дека по две децении „лошо владеење, измама и ароганција“, Албанците конечно избрале достоинство наместо страв и уцена, и дека ова не е обична изборна рунда, туку генерациско затворање на едно политичко поглавје. Според ВЛЕН, „во секое маало и секое кафуле се чувствува еуфоријата дека ДУИ си оди“.
Овој наратив доаѓа по првиот круг на локалните избори одржан на 19 октомври 2025 година, кои поминаа во релативно мирна атмосфера и без поголеми инциденти, и во кои ДУИ не успеа да ја задржи сликата на недопирлива албанска партија на терен. Вториот круг ќе се одржи на 2 ноември, а токму во општините со силно албанско гласачко тело – Тетово, Дебар, Брвеница, Долнени – ВЛЕН најавува „конечен удар“ врз ДУИ. ВЛЕН го претставува ова гласање како момент кога „Албанците ќе ја затворат страницата на ДУИ“ и ќе го стават својот печат врз локалната власт. Овој притисок врз ДУИ се случува паралелно со ситуацијата во Скопје, каде градоначалникот ќе се избира во втор круг, а целата земја влегува во завршница на изборен месец кој ќе ја одреди политичката мапа за следните години.
Реториката на ВЛЕН е отворено конфронтациска. Коалицијата јавно тврди дека ДУИ „паднала на дното на бунарот“, дека се спасува преку „срамен договор со Левица“, и дека соработката со Левица била направена за лична моќ, а не за интересите на Албанците. Овој напад е насочен да ја прикаже ДУИ не како заштитник на албанските права, туку како партија што наводно тргува со тие права за позиции, во момент кога гласачите се веќе изморени од клиентелизам, притисок и вработувања под услов. ВЛЕН настапува со порака дека за разлика од „старите структури што седат заклучени во канцеларии“, нивните кандидати се на улица, до секое семејство, „без уцени и без закани“. Во истото соопштение тие велат дека нема да ги навредуваат Албанците, „да ги нарекуваат загари“ или да им држат говори со историски натоварени квалификации, туку дека сакаат претставување со достоинство. Со тоа ВЛЕН директно го напаѓа лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кого го обвинува дека ги понижува токму луѓето чии гласови ги бара.
ДУИ, пак, се претставува себеси како последната брана пред хаос. Во последните месеци Али Ахмети настапува со јазик на предупредување и историја. Тој зборува за одбрана на достоинството, еднаквоста и евроатлантската насока на државата, и излезе со порака дека ако Северна Македонија излезе од европскиот пат, земјата ризикува распад на етнички линии, со сценарија во кои „едни ќе одат со Албанија, други со Бугарија“. Ахмети инсистира дека без албанскиот политички фактор нема стабилност и дека токму тој фактор ја туркал државата кон НАТО и ЕУ, држел баланс и чувал заедничка држава. Во летните обраќања тој се обидуваше да ја зацврсти таа слика: дека Албанците се за унитарна, заедничка и еднаква Македонија, „секогаш наша Македонија“, и дека неговата генерација дала две децении за да се вгради оваа рамнотежа. Ова е наратив на историска мисија, во кој Ахмети се поставува не како партиски лидер туку како чувар на моделот на коегзистенција.
Но паралелно со таа самопозиционирана улога на гарант, ДУИ се соочува со критика каква што одамна не сме виделе од албански политички опонент. ВЛЕН зборува за „20 години погрешни политики“ и за „ароганција“ на ДУИ и вели дека граѓаните конечно ја кршат навиката да гласаат по страв. Аналитичари од регионот и албански новинари забележуваат уште една важна промена: падот на ДУИ во дел од општините не беше проследен со колективна паника за губење на права. Напротив, се појавија гласови од Албанија и од самата албанска јавност кај нас дека „Албанците не изгубија ниедно право по падот на Али Ахмети“ и дека драматизацијата дека без ДУИ Албанците ќе бидат понижени е повеќе политичка пропаганда отколку реалност. Ова е сигнал дека монополот на ДУИ како единствен валиден застапник на Албанците конечно е сериозно оспорен одвнатре.
Сцената која се отвора сега е нова за Северна Македонија. Наместо еден албански политички центар што две децении договара власт со македонскиот победник, имаме две албански структури – ДУИ и ВЛЕН – што меѓусебно се натпреваруваат за доверба општина по општина. Тој притисок, велат политичките набљудувачи, може да донесе поголема отчетност и побрзи конкретни резултати на локално ниво, бидејќи и едните и другите ќе мора да покажат дека се нешто повеќе од изборни слогани, и тоа многу брзо по вториот круг. Ако победи реториката на ВЛЕН дека „Албанците се разбудија“, тоа ќе значи дека албанскиот глас во државата повеќе не е автоматски потпис за ДУИ. Ако, пак, ДУИ успее да ги консолидира клучните општини на 2 ноември, партијата ќе тврди дека останува неприкосновен гарант на правата и евроатлантскиот курс. Во двата исхода, 2 ноември се продава како повеќе од локални избори. Тој датум се претвора во симболичен референдум за тоа кој зборува во име на Албанците во Северна Македонија, и со тоа – кој утре ќе влезе во договор со македонскиот партнер за владата и за државниот курс.


