Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, предупреди дека состојбата со хигиената во Скопје е „катастрофална и недозволива за една метропола“, обвинувајќи дека нефункционалноста на ЈП „Комунална хигиена“ и недостигот на одговорност од Градот ја довеле престолнината во колапс. Во интервју за Сител, пренесено преку соопштение на општината, тој рече дека Центар изминативе недели преземал самостојни мерки, но дека проблемот не може да се реши без системско дејствување.
„Ова е катастрофа што му се случува на градот и на Општината Центар изминатите четири години. Ние работевме на терен додека други поднесуваа кривични пријави и се жалеа“, изјави Герасимовски, нагласувајќи дека Центар изнајмил дополнителна механизација, вовел двосменско и тросменско чистење, поставил нови контејнери и набавил цистерна за миење улици.
Сепак, според него, овие мерки се само „привремен штит“ без функционален систем на градско ниво. „Доколку ‘Комунална хигиена’ не профункционира, ќе биде многу тешко да се одржува хигиената самостојно,“ предупреди тој.
Герасимовски потсети дека уште пред две години како член на Управниот одбор на ЗЕЛС побарал секоја општина самостојно да ги преземе ингеренциите за хигиената. „Сигурен сум дека ако тоа беше направено, со повеќе механизација и вработени хигиеничари, денес немаше да се соочуваме со ваков хаос,“ изјави тој.
По првиот круг од изборите, Герасимовски иницирал итен состанок со скопските градоначалници и побарал вклучување на Владата. „Свикавме кризен штаб, побарав итен состанок на ЗЕЛС и разговаравме за моделот секоја општина да ја преземе грижата за својата хигиена,“ додаде.
Општина Центар во меѓувреме спроведе и вонредни мерки за заштита на јавното здравје — дезинфекција и дератизација на сите училишта и градинки, ангажман на дополнителни работници за секојдневно чистење на училишните дворови и дератизација на речиси две илјади шахти низ општината.
„Проблемот со хигиената сè уште не е решен и затоа мора да дејствуваме со заеднички напори и јасна одговорност,“ заврши Герасимовски, испраќајќи апел до Градот и јавните претпријатија за институционална координација — бидејќи, како што рече, „ниедна општина не може сама да ја исчисти нефункционалноста“.
