Концерт „Растенија без корен“ на Дина Јашари во Скопје

Кантавторката Дина Јашари вечер во Јавна соба во Скопје ќе има концертна промоција на албумот „Растенија без корен“.

– Растенија без корен – во живо, искрено и топло, во градот. Кога надвор е ладно и се стемнува рано, музиката нека нѐ стопли, вели младата кантавторка во најавата за концертот, што е поддржан од Министерство за култура и туризам.

Јашари на концертот ќе настапи со нејзиниот долгогодишен бенд: Лука Тошев (гитара), Драган Теодосиев (тапани), Андреа Мирческа (бас), а најавува и специјален гостин.

Албумот „Растенија без корен“ е деби-албум на Дина Јашари. Содржи девет песни, снимени во различен период од изминативе три години, на различни локации со различни луѓе. Дел од песните, „Градот“,  „Растенија без корен“, и „Морето ме тера да мислам“ имаат видеоспотови а, особено е впечатлив дуетот „Кревка“, во кој Дина соработува со познатиот кантавтор Пијан Славеј (Фолтин), композиторот Дуке Бојаџиев и гитаристот Лука Тошев.

„Растенија без корен“ беше објавен на крајот на мај, по што беше дел од отворањето на концертот на британска група Масив Атак, на стадионот на АРМ, на 28-ми јуни годинава во рамките на фестивалот Skopje Calling 2025, како и на овогодинешниот Д Фестивал во Штип.Покрај овие настапи Дина и нејзиниот бенд летово имаа настапи и во Љубљана и Шкофја Лока во Словенија и на Пандемониум фестивал во Умаг, Хрватска и на филмскиот фестивал Нови Вал во Будва, Црна Гора. 

Зачлени се на нашиот е-билтен