Европските берзи растат по силните резултати на „Нвидија“

Фото: © 2018 Advantus Media, Inc. and QuoteInspector.com

На европските берзи утрово цените на акциите забележаа пораст, пред сè во технолошкиот сектор, откако инвеститорите ги охрабрија подобрите од очекуваните квартални резултати на „Нвидија“.

Индексот STOXX 600, кој ги следи водечките европски акции, околу 9:30 часот беше зголемен за околу 1 процент.

Лондонскиот FTSE порасна за 0,62 проценти, на 9.566 поени, франкфуртскиот DAX за 1,01 процент, на 23.390 поени, додека парискиот CAC се зголеми за 1,12 проценти, на 8.040 поени.

Технолошкиот сектор најголем добитник

Најголем раст утрово забележаа акциите на технолошките компании, бидејќи пазарот позитивно реагираше на деловниот извештај на „Нвидија“. Најголемиот светски производител на чипови за вештачка интелигенција објави приходи и добивка повисоки од прогнозите на аналитичарите.

Компанијата исто така изнесе оптимистички прогнози за приходите во тековното тромесечје, по што цената на нејзината акција во продолженото тргување се зголеми за околу 4 проценти.

Фјучерсите на S&P 500 и Nasdaq моментално се во раст од над 1 процент, што укажува дека нивниот позитивен тренд би можел да продолжи и во четврток, по благиот пораст ден претходно.

„Пазарот со олеснување воздивна“

„Пазарот воздивна со олеснување бидејќи резултатите на ‘Нвидија’ потврдуваат дека побарувачката поврзана со вештачката интелигенција е силна. Доколку цените на технолошките акции останат на овие нивоа до крајот на тргувањето во четврток, може да се каже дека корекцијата во овој сектор е завршена“, изјави Адам Сархан, директор во компанијата 50 Park Investments во Њујорк.

Технолошките акции подолг период силно растеа поради еуфоријата околу развојот на вештачката интелигенција, но последниве недели некои инвеститори сметаа дека цените се преценети, па го пренасочуваа капиталот кон други сектори.

Како резултат, S&P 500 во моментот е околу 3 проценти под своето рекордно ниво од октомври.

Позитивен тренд и на азиските пазари

На поголемиот дел од азиските берзи цените на акциите исто така пораснаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, околу 9:30 часот беше зголемен за 1,2 проценти, оддалечувајќи се од најниската точка во последниот месец.

Акциите во Хонг Конг, Индија, Австралија, Јужна Кореја и Јапонија пораснаа меѓу 0,1 и 2,6 проценти, додека во Шангај забележаа пад од околу 0,4 проценти.

Зачлени се на нашиот е-билтен