Калас: Мир во Украина е можен само со учество на Европејците и Украинците

Мирот во Украина може да се постигне единствено со активно учество на Европејците и самите Украинци, изјави денес високата претставничка на Европската унија за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, коментирајќи ги информациите за новиот мировен план што го предлагаат САД.

„За планот да функционира, мора да бидат вклучени и Украинците и Европејците – тоа е сосема јасно“, рече Калас, одговарајќи на прашање за иницијативата која, според медиумските извештаи, го повикува Киев да прифати територијални отстапки и намалување на вооружените сили.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави по пристигнувањето на состанокот во Брисел дека „мирот не смее да значи капитулација“.

„Украинците секогаш ќе одбијат било каков облик на капитулација“, нагласи Баро, додавајќи дека Европјаните се залагаат за принципот на „праведен и траен“ мир.

„Сакаме долгорочен мир со неопходни гаранции за спречување на каква било идна агресија од страна на Русија на Владимир Путин“, додаде шефот на француската дипломатија.

Според неименуван висок украински функционер кој за АФП го коментирал новиот американски предлог, планот изгледа како да ги вклучува максималистичките барања кои претходно ги постави Москва – услови што украинските власти веќе ги оценија како чин на капитулација.

Зачлени се на нашиот е-билтен