Поранешната градоначалничка на Филипините, обвинета за поврзаност со кинески криминални групи, е осудена на доживотен затвор, откако судот ја прогласи за виновна за трговија со луѓе, соопшти филипинската владина агенција за борба против организиран криминал.
Алис Гуо, која ја извршувала функцијата градоначалничка на Бамбан – земјоделски град северно од Манила – под лажен идентитет како филипинска државјанка, подоцна била идентификувана од надлежните служби како кинеската државјанка Гуо Хуа Пинг.
Конгресна истрага отворена минатата година
„Оваа долгоочекувана пресуда претставува не само правна, туку и морална победа. Таа носи правда за жртвите и ја потврдува единствената позиција на владата против организираниот криминал“, соопшти Канцеларијата за борба против организиран криминал (PAOCC).
Адвокатката на Гуо не даде изјава за медиумите. Поранешната градоначалничка претходно ги негираше обвиненијата и тврдеше дека е родена како филипинска државјанка.
Филипинскиот Сенат во мај минатата година покрена истрага против неа, два месеца по рација во објект делумно во нејзина сопственост, каде полицијата открила центар за измами. Тој бил еден од многуте слични центри што се појавија низ Југоисточна Азија последните години.
Уапсена во Индонезија и депортирана назад
Во рацијата биле пронајдени стотици работници – жртви на трговија со луѓе – меѓу кои и странски државјани. Наодите довеле до тужба против Гуо за трговија со луѓе, а PAOCC соопшти дека судот осудил уште седум лица во истиот случај, изрекувајќи им доживотни казни.
Случајот предизвика значителни реакции во Филипините, во време кога сомнежите за кинеско вмешување растат поради заострените тензии во Јужното Кинеско Море, каде двете земји имаат територијални спорови. Гуо најпрво избегала од земјата, но била уапсена во Индонезија и депортирана на Филипините во септември 2024 година.
Поранешната градоначалничка се соочува и со други кривични обвиненија, меѓу кои корупција и перење пари.

