Ќе поскапат ли пратките од ТЕМU? Еве што се менува, а што останува исто со новиот Закон за ДДВ

Граѓаните нема да плаќаат дополнителни трошоци за пратките од странство, вклучително и оние порачани преку платформата ТЕМU и по измените на Законот за ДДВ, уверуваат од Министерството за финансии. Оттаму нагласуваат дека системот на прием и царинење на пратките останува непроменет и дека нема причина за паника.

„И по измените, ДДВ и понатаму е пресметан во финалната цена на производот. Граѓаните нема да имаат никакви дополнителни обврски при подигнување на пратките“, соопштува Министерството.

Според објаснувањето, платформите како ТЕМU и досега го пресметувале данокот во вкупната цена, а уплатата кон државата ја спроведувал овластениот шпедитер или поштенскиот оператор.

Што точно се менува?

Министерството појаснува дека единствената промена е укинувањето на старото правило со кое пратките до 22 евра беа ослободени од ДДВ. Според нив, токму тоа правило создаваше простор за злоупотреби.

Со изгласаните измени, Собранието го укина ова ослободување. Очекувањата се дека мерката ќе донесе поголема контрола врз увозот и ќе придонесе за намалување на сивата економија.

„Голем дел од стоките влегуваа во земјата без платено ДДВ, а потоа се продаваа на домашниот пазар. Новиот модел го спречува тоа и создава фер услови за локалните компании што инвестираат и вработуваат“, наведуваат од Министерството.

Од таму дополнуваат дека измените се дел од поширока стратегија за јакнење на домашната економија во услови на брз раст на онлајн трговијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен