Најголемата идни глобална вулканска катастрофа поверојатно ќе потекне од вулкани што со векови мируваат и речиси воопшто не се следат, отколку од добро познатите, активни вулкани како Етна на Сицилија или Јелоустоун во САД, пренесува RTS.
Стручњаците предупредуваат дека токму овие „скриени“ и често занемарени вулкани еруптираат почесто отколку што се претпоставува. Во региони како Пацификот, Јужна Америка и Индонезија, ерупција на вулкан без забележана историја се случува на секои седум до десет години, а последиците може да бидат далекусежни.
Еден таков пример дојде оваа година. Во ноември 2025 година, вулканот Хајли Губи во Етиопија еруптираше за првпат во познатата историја – најмалку за последните 12.000 години. Облаци пепел се издигнаа до 13,5 километри во атмосферата, а материјалот го прекри дури и Јемен и стигна до воздушниот простор над северна Индија.
Не треба да се оди ни многу назад во минатото за друг пример. Во 1982 година, малку познатиот мексикански вулкан Ел Чичон експлодираше по векови тишина. Разорните лавини од камења, пепел и гас избришаа огромни делови од џунглата, препречија реки, уништија населби и испратија пепел сè до Гватемала. Повеќе од 2.000 луѓе загинаа, а 20.000 останаа без домови.
Сепак, вистинската трагедија се почувствува илјадници километри подалеку. Сулфурните честички од ерупцијата ја оладија северната хемисфера и го поместија африканскиот монсун, предизвикувајќи екстремна суша. Во комбинација со сиромаштија и граѓанска војна, ова доведе до катастрофалната глад во Етиопија и Источна Африка (1983–1985), која однесе околу еден милион животи.
И покрај ваквите лекции, светските вложувања во вулканологијата се далеку под потребното. Помалку од половина активни вулкани се следат, а научните истражувања најчесто се концентрирани на неколку познати локации. За Етна, на пример, има објавено повеќе научни трудови отколку за сите 160 вулкани во Индонезија, Филипините и Вануату – некои од најнаселените, но и најризичните региони на Земјата.
Големите ерупции не претставуваат опасност само за локалните заедници. Тие можат привремено да ја оладат планетата, да ги нарушат монсуните и да предизвикаат намален принос на храна во цели региони. Историјата покажува дека ваквите промени биле причина за глад, епидемии и длабоки општествени потреси. И покрај тоа, сè уште нема глобален систем кој би ги предвидувал овие ризици или би помогнал да се управува со нив.
За да се промени ова, тимот на професорот Мајк Кесиди од Универзитетот во Бирмингем ја формираше Глобалната алијанса за вулкански ризици – организација насочена кон превенција и preparedness за ерупции со висок ризик. Целта е да се засили следењето, да се поддржат ранливите заедници и да се предупреди навреме – пред катастрофата да се случи.
Клучниот проблем, велат експертите, лежи и во човечките когнитивни пристраности: луѓето веруваат дека она што долго молчело ќе продолжи да молчи. Затоа „тивките“ вулкани автоматски се сметаат за побезбедни. Истовремено, најмногу средства се вложуваат по големи катастрофи – а не пред нив.
🌋 #HayliGubbi — a once-dormant shield volcano in Ethiopia’s Afar Rift — has exploded to life. Its ash plume soared to 45,000 ft, signaling a rare, high-energy event in a volcano with no known eruptions for millennia.
— Worldview Earth Data 🌍🌱 (@WED_explorer) November 23, 2025
Visualized: @NASAEarth
🛰 #NASA🌍 #worldview https://t.co/Tg217OWotj pic.twitter.com/BBPyaUjAzz
Но статистиката е јасна: три четвртини од големите ерупции потекнуваат од вулкани што биле тивки најмалку еден век.
Историјата покажува дека добрата подготовка спасува животи. Ваквите катастрофи беа избегнати при ерупциите на Пинатубо (1991), Мерапи (2019) и Ла Сувриер (2021), каде силното следење и навремени евакуации спречија огромни загуби.
За светот да се справи со идните ризици, неопходно е вниманието да се сврти кон недоволно истражените вулкани во Латинска Америка, Југоисточна Азија, Африка и Пацификот – региони каде милиони луѓе живеат покрај вулкани за кои речиси и да нема историски податоци.
Токму таму се крие најголемата опасност – но и најголемиот потенцијал со минимални вложувања да се спасат илјадници животи.

