Кинотеката одбележа 50 години со награда за Владимир Самоиловски

Кинотеката на Северна Македонија синоќа го одбележа 50-годишниот јубилеј од основањето со свеченост во своите простории, на која беа истакнати нејзината архивска, заштитна и истражувачка улога во македонската филмска култура, а наградата „Златен објектив“ му беше врачена на кинематограферот Владимир Самоиловски.

На свеченоста се обратија директорот на Кинотеката, Бошко Грујоски, и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Грујоски посочи дека петте децении работа значат континуирано прибирање, чување, каталогизирање, архивирање, истражување и публикување филмски и аудиовизуелни содржини, како дел од националната културна меморија.

Министерот Љутков нагласи дека Министерството за култура и туризам ќе продолжи да ја поддржува Кинотеката како институција што треба да остане достапна, современа и дигитално зајакната, но верна на својата основна мисија за заштита на филмското наследство.

Во рамки на програмата беше прикажан документарниот филм „Кинотека… Половина век…“, во режија на советникот филмолог Атанас Чупоски, изработен во соработка со Универзитетот „Еуропа Прима“. На настанот беа доделени и благодарници на долгогодишни соработници на институцијата.

Наградата „Златен објектив“, која Кинотеката ја доделува од 2006 година, годинава ја доби Владимир Самоиловски. Признанието е востановено за да им се оддаде почит на авторите што дале значаен придонес во развојот на кинематографијата, а досега го добиле 25 филмски работници од различни професии.

Кинотеката официјално почнала со работа во 1976 година, две години по усвојувањето на Законот за формирање на Кинотека на Македонија. Денес располага со фонд од над 15.000 филмски копии, повеќе од 72.000 парчиња пропаганден материјал, фотографии и плакати, над 100.000 пишувани документи, библиотека со повеќе од 4.500 книги и списанија и 32.500 прес-клипинзи.

Зачлени се на нашиот е-билтен