„Водовод“: Водата во ОУ „Димо Хаџи Димов“ е санитарно исправна – продолжуваат испитувањата за причините на симптомите кај учениците

Водата во Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската Општина Карпош е целосно безбедна за употреба и ги исполнува сите стандарди за квалитет на вода за пиење, соопшти ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Потврдата доаѓа два дена откако околу 40 ученици пријавија стомачни болки, меѓу кои и помладиот син на премиерот Христијан Мицкоски.

Според претпријатието, на 26 ноември бил извршен вонреден мониторинг по пријава од училиштето. Земени биле четири примероци од две локации – училница и кујна – за физичко-хемиски и микробиолошки анализи. Сите резултати се во согласност со правилникот за безбедност и квалитет на вода за пиење.

Паралелно со тоа, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вчера изврши вонредни контроли во кујните на девет основни училишта во Општина Карпош. Сите училишта, меѓу кои и „Димо Хаџи Димов“, се снабдуваат од ист оператор – „Ванила фуд“, кој стопанисува и со централниот магацин за прехранбени производи.

Директорката на Институтот за јавно здравје, д-р Марија Андоновска, изјави дека од првичните пријави не може да се утврди точната причина за појавените симптоми кај учениците. Спроведени се анализи на различни видови храна (млеко, мусли, мусака со месо, кроасани), како и брисеви од училници, кујната, прибор за јадење и работни површини.

Земени се и примероци за вода од шест различни точки во училиштето, вклучително и од кујната, а анализите опфаќаат и микробиолошки и физичко-хемиски параметри. Дополнително, биле земени брисеви од грло, нос и раце на тројца вработени во кујната.

„Екипата пристигна доцна попладне и целиот материјал е ставен на обработка. За дел од испитувањата се потребни до 48 часа за да добиеме целосни и веродостојни резултати“, истакна Андоновска.

Таа додаде дека од Клиниката за детски болести, каде што е хоспитализиран дел од учениците, побарани се дополнителни примероци за испитување – за да може да се исклучат вируси, паразити и други потенцијални причини. Според неа, можно е причинителот да не е поврзан со храната или водата и се разгледуваат и други фактори.

Институциите продолжуваат со анализите, а јавноста ќе биде известена по добивањето на конечните резултати.

Зачлени се на нашиот е-билтен