Продолжува растот на каматите на депозитите, додека кредитите поевтинуваат

Просечните каматни стапки во банкарскиот сектор и во октомври покажуваат различни движења кај депозитите и кредитите, соопшти Народната банка во најновите статистички податоци.

Според објавеното, просечната каматна стапка на вкупните депозити во октомври достигнала 2,20%, што претставува годишен раст од 0,13 процентни поени. Кај домаќинствата, каматата на вкупните депозити останала стабилна на месечна основа, изнесувајќи 2,14%, но е за 0,12 п.п. повисока отколку во истиот период лани.

Во однос на новопримените депозити, просечната каматна стапка изнесувала 2,34%, што претставува годишно намалување од 0,50 п.п.

Каматните стапки на кредитите продолжуваат да се движат во надолен тренд. Во октомври, просечната камата на новопримените кредити изнесувала 4,49%, што е 0,32 п.п. пониско во однос на истиот месец лани.

Вкупните кредити бележат уште поизразено намалување – просечната каматна стапка се спуштила на 4,82%, односно 0,56 п.п. пониско на годишно ниво.

Кај домаќинствата, каматната стапка на вкупните кредити во октомври достигнала 5,21%, што е 0,45 п.п. помалку отколку пред една година. Намалувањето произлегува од пониските каматни стапки и на денарските кредити (со и без валутна клаузула), и на кредитите во странска валута.

Во корпоративниот сектор, овој месец е забележан раст на каматите на депозитите. Просечната каматна стапка на корпоративните депозити се зголемила за 0,19 п.п., достигнувајќи 2,61%. Поаѓајќи од податоците, растот е резултат на повисоки камати на депозитите во странска валута и на денарските депозити без валутна клаузула.

Од друга страна, кредитите за корпоративниот сектор бележат намалување на каматните стапки – во октомври тие изнесувале 4,43%, што е 0,66 п.п. помалку во споредба со истиот месец минатата година.

Податоците на Народната банка укажуваат дека трендот на умерено поевтинување на кредитите и благо поскапување на депозитите продолжува, следејќи ги условите на монетарната политика и динамиката на пазарот.

Зачлени се на нашиот е-билтен