Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска е целосно транспарентна, а министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за европски прашања Орхан Муртезани и министерот за култура Зоран Љутков сѐ уште молчат за патувањата во странство.
Ова, засега е исходот од анализата што ја подготвува Рацин.мк за службените патувања на министрите во владата.
Информациите за овие службени патувања да го опфатат периодот од почетокот на извршување на должноста на министерката, заклучно со 31 октомври 2025 година.
Редакцијата на Рацин.мк на 4 ноември испрати мејл до Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, со барање на ни достават податоци за сите службени патувања на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска
Побаравме за анализата што ја подготвувавме за службените патувања на министрите во Владата, да ни дадат информациии за:
- Бројот на службените патувања на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини,
- Во кои земји и на кои настани биле организирани тие патувања;
- Колку дена траело секое патување;
- За кои од нив трошоците биле на товар на министерството, односно на владините служби, а за кои од нив трошоците биле покриени од домаќините на настаните, ако имало такви.
Одговорите од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги добивме на 18 ноемви и ги објавивме во првиот преглед на службените патувања на министерката.
На истиот датум, на 4 ноември, мејл со истите барања испративме и до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Одговор од таму немаше, а откако ги добивме одговорите од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, до МНР испративме мејл со потсетување дека очекуваме одговори на поставените прашања за службените патувања на министерот.
На 19 и 20 ноември испративме мејлови со истите прашања и до Министерството за европски прашања и до Министерството за култура и туризам, со молба одговорите да ни ги испратат до 31 ноември.
Од Министерството за европски прашања немаме одговор, а од Минстерството за култура и туризам добивме препорака нашите прашања за службените патувања на министерот Љутков, да ги испратиме до лицата задолжени за информации од јавен карактер.
Го направивме и тоа, односно барање за пристап до информации од јавен карактер доставивме и до Министерството за надворешни работи, и до Министерството за европски прашања, иако не разбираме зошто е ова потребно кога самите служби во министерствата ги имаат овие податоци на еден клик. Впрочем како што тоа се покажа во примерот на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Оттаму, амо може да заклучиме, сега засега, додека не ги добиеме одговорите од останатите министерства дека министерката Божиновска е целосно транспарентна, додека Минстерството за култура и туризам, Министерството за надворешни работи и Министерството за европски прашања, го оддолжуваат одговорот иако се должни да им ги испорачаат овие информации.
Инаку, според законот за пристап до информации од јавен карактер, рокот за одговор, кој почнува да тече од денот кога имателот на информацијата го добил барањето, 20 дена, а може да се продолжи до 30 дена ако се работи за барање со посложена или поспецифична содржина.
Доколку барателот на информациите од јавен карактер биде одбиено или не се одговори во предвидениот рок, барателот има право да поднесе жалба од 15 дена до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Останува само да се надеваме дека Минстерството за култура и туризам, Министерството за надворешни работи и Министерството за европски прашања, нема да си дозволат оваа постапка да се оддолжи до толку и да бидат прогласени за нетранспаретни.

