Германија се подготвува за најлошо можно сценарио – потенцијален вооружен судир со Русија – преку обемен и таен одбранбен документ на Бундесверот, тежок дури 1.200 страници. Овој „Оперативен план Германија“ (OPLAN DEU), откриен од Euronews, ја поставува државата како клучна логистичка и стратешка точка за НАТО, со можност на нејзина територија да поминат до 800.000 сојузнички војници во случај на конфликт.
Планот е изработен пред околу две и пол години, но германските власти го спроведуваат „со полна брзина“ поради зголемените предупредувања дека Русија би можела да биде подготвена да нападне членка на НАТО најрано во 2028 година. Целта е да се обезбеди брзо донесување политички одлуки и ефикасно делување во кризни ситуации.
Документот нагласува дека OPLAN DEU треба да ја засили германската „способност за брз старт, борбена подготвеност и отпорност“ со интегрирање на цивилни и воени структури – пристап што потсетува на практиките од Студената војна, но адаптиран кон современите слабости:
застарена инфраструктура, бюрократски пречки, недостаток на персонал, како и потребата од далеку подобра координација со цивилните институции.
Според анализите во документот, распаднатите мостови, тесните тунели и деградираните пристаништа би можеле сериозно да го успорат движењето на трупите во реална криза.
Во септември, командата на сојузната држава Хамбург ја спроведе големата вежба „Red Storm Bravo“ за тестирање на протокот на НАТО трупи кон исток. Иако сценариото предвидувало непрекинато движење на конвојот, колоната беше забавена од долгите растојанија меѓу возилата, симулиран напад со дрон и инсцениран протест.
Резултатот: помалку од десет километри за два часа – сигнал колку би можеле да застарат дури и најосновните операции во вистинска криза.
Поради критичните инфраструктурни ограничувања, планот силно се потпира и на приватните компании. Германскиот гигант Rheinmetall е задолжен за обезбедување кампови, поддршка на трупи и поставување на неопходна инфраструктура – од тушеви и полски кујни до привремени бензински пумпи.
Како една од најголемите закани е посочена саботажата на критичната инфраструктура – железници, патишта и мостови. Бундесверот се подготвува да користи напредни дронови за рано откривање вакви ризици, иако техничките и правните ограничувања сè уште претставуваат предизвик.
Германските власти предупредуваат: Русија може да биде подготвена до 2028 година
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус за Frankfurter Allgemeine Zeitung изјави дека Русија „забрзано го обновува својот арсенал“, и покрај продолжениот воен конфликт во Украина.
Писториус додаде дека руската способност за напад можеби ќе дојде порано од претходните проценки:
„Долго велевме дека тоа може да биде околу 2029 година. Сега некои укажуваат дека би можело и во 2028, а дел воените историчари дури тврдат дека минатото лето можеби било последното лето на мирот.“
Германските служби посочуваат дека саботажа, шпионски активности и дезинформациски кампањи може да бидат рани индикатори за зголемена закана во следните години.

